Нашата држава е умерено подготвена со реформата на својата јавна администрација. Направен е добар напредок, особено со спроведувањето на стратегиската рамка за реформа на јавната администрација, подобрени се јавните консултации и зголемена е транспарентноста во креирањето политики и во областа на развојот и координирањето на политиките. Меѓутоа, се потребни дополнителни напори за да се зголеми одговорноста на администрацијата и да се спречи нејзината политизација. Сево ова е дел од сликата за состојбата на македонската економија од извештајот на Европската комисија, каде што генерално забележуваат одреден напредок.
– Земјата постигна одреден напредок и е на добар степен на подготвеност за развој на функционална пазарна економија. Економскиот раст продолжи по едногодишна стагнација, иако инвестициите остануваат ниски. Владата презема мерки за подобрување на управувањето и транспарентноста на јавните финансии. Спроведени се даночни реформи и на пензискиот систем. Сепак, составот на трошоците е влошен и потребна е поамбициозна фискална консолидација за да се стават јавните финансии на одржлив пат – се вели во извештајот на ЕК.
Оттаму нагласуваат дека функционирањето на пазарот на трудот е нарушено од постојаните структурни проблеми. Спроведувањето на договорите и големата неформална економија продолжуваат да претставуваат предизвик за бизнис-опкружувањето.
Во извештајот се оценува дека земјата има одреден напредок и е умерено подготвена за справување со конкуренцијата и пазарните сили во ЕУ.
– Сепак, недостигот од вештини и неусогласеноста со барањата на компаниите ги рефлектираат недостатоците на наставните програми и ги нарушуваат продуктивноста и компетитивноста на економијата – пишува во извештајот на ЕК, дополнувајќи дека останува недостигот од значајни инвестиции во јавната инфраструктура.
Од ЕК велат дека во однос на подготвеноста на земјата за прифаќање на обврските од членството во ЕУ, земјата е умерено подготвена во повеќето области, вклучувајќи ги областите на конкурентноста, јавните набавки, транспортот и енергетиката.
– Дополнителни напори се потребни особено во областите каде што земјата е во рана фаза на подготовки, како што се слободното движење на работници, како и финансиските и буџетски одредби. Поголем фокус е потребен на административните капацитети и ефективната имплементација – се објаснува во извештајот.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ нагласуваат дека споредено со оцената во претходниот извештај, напорите и потезите на носителите на економските политики се вреднувани на сличен начин, без забележување особен напредок.
– Сепак, значајно ограничениот простор посветен на економијата, споредено со просторот посветен на политичките критериуми, укажува дека напредокот во економските политики и реформи и понатаму стагнира. Сметаме дека додека извештајот врши експлицитно и недвосмислено вреднување на преземените чекори во делот на одблокирањето на евроатлантските процеси, оцената за економскиот амбиент е значајно поограничена. Ваквата оцена на економските политики и потези на Владата е во целосна согласност со укажувањата на домашната експертска јавност за отсуството на посветеност кон целта и меѓусебната усогласеност на економските политики, како и недоволниот капацитет за испорачување економски реформи на повеќе фронтови – објаснуваат од „Фајненс тинк“
Оттаму додаваат дека извештајот внимателно го забележува напредокот на одредени владини економски потези, но главно од краткорочен карактер, додека долгорочните слабости остануваат.
– Извештајот позитивно ги оценува задржувањето на макроекономската стабилност, понатамошното зголемување на фискалната транспарентност и менаџирањето со јавните финансии. Извештајот зазема критички тон во однос на потребата за понатамошна фискална консолидација, преку балансирање на примарниот дефицит. Ние проценуваме дека ваквата квалификација бара понатамошна елаборација со оглед дека е клучно прашање на кој начин би се извршила понатамошна фискална консолидација, и доколку таа се врши преку кратење на капиталните трошоци, тогаш ќе има негативни ефекти врз среднорочниот економски раст. Со оглед на ова, извештајот скоро и да не посветува внимание за потребата од рационализација на јавните трошења и итно и неодложно зголемување на нивната ефикасност, односно на вредноста на секој потрошен јавен денар – споменуваат од „Фајненс тинк“
Од друга страна, како што велат аналитичарите од институтот, извештајот дава коректна забелешка во однос на општата структура на јавните расходи, која забележа влошување, главно поради подреализацијата на капиталните инвестиции.
– Иако ова е долго дискутирана тема и во домашната јавност, сепак, ваквата состојба нема значително да се промени во претстојниот период, и тоа поради продолжувањето со подреализацијата на капиталните инвестиции и зголемувањето на трошењата за социјалните трансфери, како зголемување на социјалната помош, субвенционирањето на минималната плата и растот на платите – нагласуваат од „Фајненс тинк“.
Според нив, извештајот не дава доволно јасна квалификација за даночната реформа, иако укажува дека заедно со пензиската реформа ќе ги подобрат буџетските приливи на среден рок.
– Од друга страна, пак, извештајот јасно укажува дека зголемувањата на социјалната помош и на минималната плата може да имаат неповолни последици врз пазарот на трудот, особено во услови на стагнација на продуктивноста на трудот. Ваквиот став е, во голема мера, во линија со ставот на домашната експертска јавност – велат од институтот.
Особено загриженоста за високото учество на сивата економија и неповолниот ефект врз формалните компании и понатаму се провлекува како значајна забелешка.
Како што вели министерот за финансии, Драган Тевдовски, тој е задоволен од извештајот за напредокот на земјата на Европската комисија во кој, како што оценува, јасно се истакнува дека МФ во соработка со ММФ, Светска банка, ЕК и ЕУ спроведе реформи со кои е подобрен системот на јавните финансии.
– Во извештајот се јасно истакнати клучните реформи што се направени како пензиската, даночната реформа, истакната е фискалната транспарентност како нешто што ја носи земјава напред – изјави Тевдовски, велејќи дека е значајно подобрена и транспарентноста.
– Транспарентноста е алатка што овозможува јавноста да има целосен увид за тоа како се трошат парите што се прибираат главно од даноци. Ние презедовме 15 големи мерки со кои на различен начин го подобруваме процесот од буџетско планирање, па до извршување на буџетот. Направивме од граѓански буџет, до обврска да се објавуваат договорите и анексите на јавните набавки на веб-страниците – додаде Тевдовски.
Во врска со забележаното за сивата економија, кажа дека првпат нашата држава има стратегија за борба против сивата економија и првпат се преземени мерки.
– Во Законот за спречување перење пари го намаливме лимитот на плаќање во кеш што е една од посилните мерки. Работиме заедно со УЈП на подобрување на системите во УЈП, добивме финансиска поддршка за подобрување на буџетските процеси и до крајот на годината, што се нашите цели, да доставиме на јавни расправи промени во однос на овие процеси – појасни министерот.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, истакна дека стратегиска цел на управата е борба против сивата економија.
– Навистина имаме натфрлање на наплатата во споредба со другите години меѓутоа, секако, дека тоа е борба со која прекуноќ не можеме да се избориме. Бараме соодветни механизми, начини и се справуваме во рамките на нашите надлежности. Големо олеснување е и новиот систем за контрола на даночните обврзници што врз основа на 70 критериуми се утврдуваат високоризични даночни обврзници, кои се контролираат. Влезени сме во фаза на завршување на првите контроли и ќе го видиме исходот – изјави директорката на УЈП.