Од страна на македонски и албански еколошки здруженија
Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност.
Триесет и четири организации од двете страни на светското наследство се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот регион, која, како што велат, не е последица на војна или природна катастрофа што се најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност, туку директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави.
– За жал, алармот во 2019 година не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето, итн. – се вели меѓу другото во апелот до Комитетот.
Она што особено ги загрижува потписниците на писмото е продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по многу сериозното предупредување на Мисијата од јануари 2020 година дека „тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање“.
– Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како проценка на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации – е ставот на Фронт 21/42.