Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза ќе се вклучи и оваа година во одбележување на Светскиот ден на МС (World MS Day) на 30 мај 2020 година. Националното здружение се обединува заедно со глобалната заедница за мултипла склероза (МС) ширум светот со единствена цел за подигнување на јавната свест за мултиплата склероза и водење организирана кампања во која се вклучени сите погодени од оваа болест.
Мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден е „I connect, we connect“, односно „Заедно поврзани“, додека темата e „MS Connections“ (поврзаноста), односно градење врски во заедницата, самоповрзување, заемно поврзување со цел добивање на квалитетна нега.
– Националното здружение за МС, како и останатите здруженија ширум светот, поради пандемијата на COVID-19 ќе го одбележи овој Светски ден преку социјалните мрежи со низа активности со кои ќе испратиме пораки за поддршка на пациентите. Во кампањата за Светскиот ден на МС ќе бидат вклучени пациентите, нивните негуватели, докторите, медицинските сестри од Универзитетската клиника за неврологија и останатите здравствени работници, како и сите други лица кои ни ја даваат нивната поддршка на најразлични начини – изјави Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Националното здружение за МС.
Активностите за Светскиот ден на MС се одвиваат во тек на мај и јуни. По тој повод ширум светот се спроведуваат голем број на активности за да се покрене јавната свест за ова заболување за да се обезбеди подобра терапија, навремена и точна дијагноза, а со цел пациентите со МС да имаат подобар квалитет на живот.
– Ве повикуваме заедно да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени кај лицата со мултипла склероза – велат од здружението.