Домашните и светските аналитичари се согласни дека големите сили во овие моменти отворено искажуваат силен интерес за влијание во регионот на Западен Балкан, а со тоа и во Македонија. Тие советуваат државите од регионот да бидат многу внимателни во носењето одлуки за да не се најдат во средиштето на кое ќе се прекршуваат копјата на САД и на Русија
Борбата за глобално влијание и за превласт помеѓу Америка и Русија доживува нова епизода. На ваква констатација нѐ наведува неодамнешната информација на „Њујорк тајмс“ дека постои американско-руска шпионска пресметка во Македонија. Американскиот весник во својата сторија открива детали од сознанијата на службите на САД за руското мешање и влијание во Македонија, пред, за време, но и по референдумот во земјата.
Во контекст на овие актуелни случувања, „Њујорк тајмс“ во својот неодамнешен текст на темава наведува дека откога грчкиот милионер со руско потекло, Иван Савидис, станал предмет на интерес на американските тајни служби, преку следењето на неговите комуникации се дошло до важни сознанија околу руското влијание во Македонија.
Весникот пишува дека откога американските безбедносни служби забележале обиди за руско мешање во претседателските избори во САД, било формирано т.н. тело за борба против руското мешање и во Европа, односно во изборите во некои европски земји.
Изминатата пролет, пишува натаму весникот, било забележано дека и Македонија е многу веројатна цел на Русија, а три дена по потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името меѓу македонската и грчката влада, била регистрирана изјава на рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов, кој јавно се заканил дека „за некои грешки постојат последици“.
Весникот во својата обемна анализа истакнува дека победникот од судирот на оваа тема, сепак, останува неизвесен.
Во меѓувреме, околу овие случувања јавно се огласија и државни претставници. Македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов, во интервју за руската новинска агенција ТАСС, изјавил дека нема докази оти Русија се мешала во референдумот за името.
Запрашан дали Скопје има некаква причина да се сомнева оти Москва интервенирала во референдумот, Карајнов ја повторил изјавата на премиерот Зоран Заев дека не постоела никаква индикација оти Русија се обидела да влијае во Македонија.
– Не знам што би можел да додадам во врска со ова – изјавил амбасадорот Карајнов.
Тој, како што јавува ТАСС, ги опишал македонските интереси како „интеграција во западните структури и зачувување на пријателските односи со клучните актери на меѓународната сцена“.
Од друга страна, пак, иако власта официјално не го насочува прстот кон странските фактори, во земјата беа регистрирани превирања во политичките партии на оваа тема.
Имено, како таков може да се протолкува примерот со расколот во партијата Единствена Македонија, која преку своите дејствувања прокламира силни политики против ЕУ и НАТО. Извршниот комитет на партијата неодамна го разреши и исклучи од партијата потпретседателот Стефан Влахов Мицов, кој, пак, преку социјалните мрежи обвини дека зад сето тоа стоел лидерот Јанко Бачев, кој, според него, бил соработник со тајните служби.
Домашните и светските аналитичари се согласни дека големите сили во овие моменти отворено искажуваат силен интерес за влијание во регионот на Западен Балкан, а со тоа и во Македонија. Тие советуваат државите од регионот да бидат многу внимателни во носењето на своите државни политики за да не се доведат во состојба да се најдат во средиштето на кое ќе се прекршуваат копјата на САД и на Русија.
Политикологот Милан Стефаноски, коментирајќи ги наводите за странско влијание во македонската политика, истакнува дека тоа во овие моменти е можно единствено во оние партии што се вонпарламентарни, односно само во оние што се маргинализирани и кои поради нивната одредена идеолошка матрица се радикализирани или кон лево или кон десно.
Тој верува дека ваквата ситуација не може да се случи во редовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во овие моменти бидејќи и двете партии, без разлика на нивното ривалство и на нивните традиционално лоши меѓусебни релации, статутарно се прозападно и проевропски ориентирани.
– Не сакам да ги коментирам случувањата во партијата Единствена Македонија бидејќи за мене овој политички субјект но и неколку слични на нив, сѐ уште се немаат изгдигнато во редовите на македонските кредибилни партии, односно во редовите на сериозните политички фактори. Дополнително и не верувам дека партиите од овој профил навистина можат да дејствуваат со своето влијание врз демократскиот капацитет за одлучување на македонскиот народ – вели Стефаноски.
Професорката Екатерина Ентина од националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“ и виша научна соработничка во Институтот за Европа на Руската академија на науките, во емисија на Бугарското национално радио (БНР), посветена на Македонија, изјави дека Македонија е во третиот ешалон интереси на Кремљ, односно дека Москва не може да не се интересира за ширењето на НАТО, но дека тактички Русија има многу други приказни.
Од друга страна, професорот од Универзитетот во Грац и експерт за Балканот, д-р Флоријан Бибер, во интервју за РСЕ, вели дека Русија останува со старата тактика.
– Мислам дека тоа што го прави Русија е обид да се спречат евроатлантските интеграции во кој било случај и дека Балканот е најлесната област за да го направи тоа. Затоа Русија континуирано го прави тоа и не очекувам некои драматични промени, повеќе мислам дека нештата ќе се одвиваат по вообичаениот пат – вели професор Бибер.
На слична линија е и американскиот професор и познавач на балканските околности Јанош Бугајски, кој за црногорскиот весник „Побједа“ изјави дека руското влијание во Македонија ќе се засили ако пропадне спогодбата со Грција и дека ќе се разгорат национализам и сепаратизам, кои ќе ја направат Македонија подложна на руско влијание. А.С.