Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска ја пoсетија локацијата кадешто во тек е рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин.
Рехабилитација е поделена на две фази.
Првата фаза е од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 4,7 милиони евра. Рехабилитацијата на оваа фаза завршува во јуни следната година. Втората фаза е од село Војник до Страцин, во должина од 16,6 километри, во вредност од 7,2 милиони евра, пари обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта. Овој дел е веќе во завршна фаза и според динамиката се очекува во текот на следниот месец да биде комплетно завршена рехабилитацијата, беше посочено на денешната посета.
„Како дел од паневропскиот Коридор 8, доизградбата и модернизацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин е од витално значење не само за овој регион, туку и за целата држава. Поврзувањето на локалните и регионалните патишта со главните коридори за поврзување со соседните земји, а со тоа и со земјите од Европа, е наш стратешки приоритет! Токму овој коридор е во фокусот и на Европска унија и е вклучен во Економскиот и инвестициски план на Европската Комисија за Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија“, истакна Николовски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски посочи дека изградбата на капиталните проекти се врвен приоритет.
„Заклучно со третитот квартал, реализацијата на капиталните инвестиции се движат над 68% од основнот буџет на министерството, што покажува силна динамика во изградба на патиштата, водоводните и канализационите системи и гасификацијата. Тоа ни дава за право да испорачаме силна реализација на капиталните проекти до крај на годината“, рече Бочварски.