Таборот „За референдум“ ја има можноста за користење на поконвенционалните медиуми, од билборди, преку телевизии, па дури и да се снимаат кратки филмчиња, спотови, и тоа го користи во полн капацитет

Додека пак на социјалните мрежи групата „Бојкот референдум“ на Фејсбук има 355 члена, а онаа „Референдум 2018, излези за“ – 78 члена. Како и да е, како наближува денот на референдумот, се засилува војната на социјалните мрежи на спротивставените табори, кои се за или против референдумот

Иако социјалните мрежи сѐ уште се доживуваат како паралелен свет на реалниот живот во македонското општество, сепак можностите што тие ги нудат сѐ повеќе се користат како средство за наметнување на сопствениот фактор на влијание, а сепак тоа да остане во доменот на „неофицијалното“. Како што влегува во својот финиш, кампањата за референдумот на 30 септември, битката на социјалните мрежи меѓу таборите со различни ставови и толкувања на референдумското прашање добива на интензитет.

Всушност, забележливо е дека социјалните мрежи повеќе ги користат за искажување на своите гледишта и аргументи оние што го поддржуваат ставот „бојкотирам“. Бројката на членови на фејсбук-групите формирани на темата референдум укажува на поголемиот ангажман на социјалните мрежи на оние што се за опцијата „бојкотирам“.

Имено, групата „Бојкот референдум“ има 355 члена, а онаа „Референдум 2018, излези за“ – 78 члена. Таквата разлика во бројот на членови може да се објасни и со тоа што рекламната кампања „За референдум“ ја има можноста за користење на поконвенционалните медиуми, од билборди, преку телевизии, па дури и да се снимаат кратки филмчиња, спотови. Но интересно е дека „битките“ на ставови на социјалните мрежи обично се поттикнати со искажувањето на ставот за референдумот на некоја јавна личност во покласичен медиум (обично во спотовите „излези за“). Таквите јавни изјави на јавните личности обично наидуваат на жестока реакција на социјалните мрежи од оние со спротивен став.

Од друга страна, пред два-три дена дваесетина собраниски пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја употребија социјалната мрежа Фејсбук за искажување на своите лични ставови, дека, без оглед на резултатите од референдумот, тие нема да гласаат во Собранието за уставните измени што се предвидени со спогодбата од Мала Преспа. Таквата пообемна активност на социјалните мрежи во краток временски период на опозициските политички актери, пак, предизвика обратен процес на реакции и анализи во конвенционалните медиуми, кои проценуваат дека тоа е координирана партиска активност за бојкот на референдумот, додека лидерот на партијата јавно на телевизија изјавува дека ќе ги прифати резултатите од референдумот.

Сепак, некои политички фактори сѐ уште се придржуваат на класичните методи, како јавно обраќање со писма до медиумите, веројатно на тој начин истакнувајќи ја официјалноста на својот став. На пример, на таков начин својот став за поддршка на референдумот го искажаа поранешниот претседател на Р Македонија и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, но и основачите на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ (кои не се веќе дел од неа), на чело со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски. Од друга страна, пак, професорите, аналитичарите, застапници на двата спротивставени референдумски става – „за“ и „бојкотирам“, паралелно ги користат и социјалните, но и конвенционалните медиуми. Се чини дека на една седмица пред референдумот опцијата да се гласа „против“ како да е сосема девалвирана, односно најмалку експлоатирана на социјалните медиуми.

– Со наметнувањето на квалификативот „консултативен референдум“, самиот Заев, СДСМ и меѓународната заедница ја компромитираа и контаминираа смислата на гласање „против“ и ја легитимираа опцијата „бојкот“ како реална алтернатива на „за“ – смета политичкиот аналитичар Арсим Зеколи.

Крајно поларизираниот амбиент на социјалните мрежи на темата референдум за „влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“, се чини дека секаков обид за гледање на нештата во духот на хипи-филозофијата (водете љубов, а не војна) е осуден ако не на осуда, но барем на потсмев. Сепак, режисерот Срѓан Јаниќиевиќ доби лавина позитивни коментари и лајкови за фотографијата што ја објави на својот фејсбук-профил на која се бакнуваат момче и девојка облечени во „референдумски“ маички (момчето со „за“, девојката со „бојкотирам“).
– Може и вака да се „расправате“. Не мора со навреди. П.С. Фоткава не е местена. #бојкотирам и #за – напиша на објавата Јаниќиевиќ.


Објави на јавни личности „за“ и „бојкотирам“ на социјалните мрежи

Јохан Тарчуловски, пратеник

– Се колнам во бога, во верата и во својата татковина Македонија, дека безусловно ќе го почитувам и штитам македонскиот устав, дека нема никогаш да гласам за негово менување и без приговор ќе ги извршувам заповедите на македонскиот народ, чиј народен избраник сум во македонскиот парламент. Во спротивен случај, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата што овде ги целивам!
Никогаш Северна, Македонија вечна! – напиша Тарчуловски на својот профил на Фејсбук.

Арсим Зеколи, аналитичар

– Толкувајте како сакате, но молкот на скопската влада кон изјавите од Бугарија, Грција, Албанија само го зајакнува сомнежот дека ова е всушност бугарско-грчки договор со скопски статисти.
Ако политиката ти се базира на „игнорирам“, не плачи кога за одговор ќе добиеш „бојкотирам“ – објави Зеколи на Твитер.

Зафир Хаџиманов, амбасадор на културата на Македонија во Србија

Познатиот уметник, глумец, пејач и писател Зафир Хаџиманов, кој е македонски амбасадор на културата во Србија, каде што живее 58 години, го поддржа претстојниот референдум во Македонија.
– Сакам да се знае дека како еден од втемелувачите на повеќе културни институции во Македонија, еден од основоположниците на Македонското радио и телевизија, како личност што има огромен придонес во развојот на македонската забавна музика, актерство, и наедно како писател, јас сум голем борец на сѐ она е квалитетно и добро за македонската културата и за Македонија и затоа сум со „за“ поддршка на референдумот на 30 септември – изјави Хаџиманов, а разви и дебата на својот профил на Фејсбук.