Каква замрзната морска храна јадат Македонците? Дали граѓаните ги проверуваат декларациите кога купуваат навидум здрава риба, ракчиња и уште многу морски производи, со кои ги полнат трпезите?
Се чини дека свеста за ова е сѐ поголема, бидејќи граѓаните сѐ почесто проверуваат каква храна консумираат. На социјалните мрежи неодамна беше објавена фотографија од купени ракчиња сурими, каде што купувачот со фотографии предупредува за потеклото на ракчињата, од кои може да се види дека се уловени во Кина, од зона на улов ФАО 61. Таа пребарувајќи на интернет-пребарувач, дознала дека таа зона на улов се наоѓа во Пацификот, но, за жал, оти е од радиоактивна зона, која радијацијата ја добила уште од Фукушима. Тоа предизвика паника кај граѓаните, кои велат дека и покрај тоа што ракчињата се уловени во Кина, а не во Јапонија, радијацијата по вода може да се шири. Откако беше објавена информацијата за ракчињата, се појавија и фотографии од купени котлети од лосос, кои потекнуваат од ФАО 67, повторно радиоактивна зона од Фукушима.
– Никогаш не ми паднало на памет да земам да проверувам ознаки на производот што го купувам, затоа што очекувам како потрошувач да сум заштитена. Денес и со ова се шокирав. Овие ракчиња многу ги јадевме со децата, сега сум во паника. Со што сум ги хранела своите деца? Никогаш повеќе нема да купувам вакви производи – вели Елена К.
Некои од граѓаните, пак, тврдат дека воопшто не се исплашени затоа што не консумираат никаква морска храна, токму од безбедносни причини.
– Не може нешто да е корисно за јадење ако месеци му требаат да стигне во земјава и уште неколку месеци да стои во замрзнувач во маркет. Убави плодови си имаме во оваа наша земја. Не знам зошто некој би јадел ракчиња, кога ја имаме познатата пастрмка – објаснува Вера Димовска.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш реагираа за да ги смират граѓаните. Рекоа дека во Македонија, морските плодови што се продаваат се безбедни.
– Како контакт-точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено известување за небезбедна пратка ракчиња сурими по потекло од Јапонија. Како одговорна институција за безбедноста на храната ги информираме потрошувачите дека според Системот за евиденција на влез и транзит на пратки од животинско потекло на Агенцијата за храна и ветеринарство, увоз на ваков вид производ од Јапонија не е извршен. Оттаму, невистинити се објавите по социјалните мрежи дека во земјава се увезени вакви небезбедни производи за кои и од објавените фотографии на декларацијата се гледа дека се со потекло од Кина, а не од Јапонија – информираа од агенцијата.
Оттаму додадоа дека рибите и производите од риба и морските плодови се увезуваат од земји, региони и објекти, кои се одобрени за увоз и задолжително се придружени со ветеринарно-здравствен сертификат со кој, врз основа на извршени лабораториски анализи, се гарантира безбедноста, вклучувајќи го и извршеното лабораториско испитување за радиоактивност.
– По нуклеарната несреќа во Фукушима, Јапонија, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за задолжително лабораториско испитување на радионуклиди во пратки со храна за исхрана на луѓе и пратки со храна за исхрана на животни, кои потекнуваат или се испорачани од Јапонија, а кои се наменети за увоз во Република Македонија. Во согласност со ова решение, овој вид пратки задолжително се испитува на радионуклиди пред и по увозот во Република Македонија. Пратките не се пуштаат во промет додека не се добие резултат од анализите со кои се потврдува безбедноста. Во досегашните испитувања не се евидентирани отстапувања во поглед на безбедносните критериуми на пратките со риба, производи од риба и морските плодови, кои се увезени во земјава – информираа од АХВ.
Оттаму додаваат дека годинава од страна на официјалните ветеринари на граничен премин, како небезбедна, не е вратена ниту една пратка со овој вид производи. Ваквата храна е предмет на контрола и во внатрешниот промет.
– Од почетокот на годинава досега, на македонскиот пазар увезени се вкупно 6.316.202 килограми риба, производи од риба и морски плодови. Најголемиот увоз е реализиран од Аргентина (1.904.129 килограми), потоа од Тајланд од каде што се увезени 1.006.555 килограми од овие производи. Помали количества се увезени уште од 45 земји, меѓу кои и од Кина, Шпанија, Грција, Виетнам, Норвешка, Хрватска, Тунис, Италија, Турција, Кореја и други – велат од Агенцијата.
За потсетување, во месец март, во 2011 година земјотрес со катастрофални размери предизвика цунами, кое ја погоди јапонската нуклеарна централа „Фукушима“ што се наоѓа 209 километри североисточно од Токио, оштетувајќи неколку реактори по што следуваше радиоактивно зрачење, поради кое беа евакуирани околу 160.000 луѓе од околните градови.
Тоа беше најголемата нуклеарна катастрофа во светот по онаа во Чернобил во 1986 година.