Професионално обезбедување ќе биде ангажирано во јавно-здравствените установи. Ова беше договорено на денешниот координативен состанок во Министерството за внатрешни работи по нападите врз медицинскиот кадар и полицијата кои се случија изминатава недела.
На состанокот учествуваа министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претседателката на Лекарската Комора, Калина Гривчева Старделова, претставници на Здружението на лекари специјализанти ЗЛС и претставници на Комората на медицински сестри.
Министерот Филипче изјави дека најостро ги осудува нападите врз здравствените работници и соработници.
-Ова се напади кои немаат никаква логика. Станува збор за здравствени работници и соработници кои пожртвувано се борат за животите на најблиските на тие што ги напаѓаат. Предвидени се сериозни казни за ваквите дела. Предвидени се и затворски казни во зависност од тежината на делото коешто ќе го направат при нападот. Од Министерството за внатрешни работи ќе направат мобилни патроли кои ќе патролираат околу старата градска болница, а ние со обезбедување на соодветен систем трајно ќе го решиме овој проблем – изјави денеска министерот Филипче.