Чествувањата по повод 1000-годишниот јубилеј на Охридската архиепископија продолжуваат денеска со Света архиерејска литургија во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, со која ќе чиноначалствува Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на членовите на Светиот синод на МПЦ-ОА.
Централниот настан по повод значајниот јубилеј се одржа синоќа во „Света Софија“, со Свечена академија на која присуствуваа поглаварот на МПЦ Стефан, членовите на Светиот синод на МПЦ како и највисокото државно раководство предводено од претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев.
Архиепископот Стефан во обраќањето пред присутните на Академијата меѓу другото истакна дека јубилејот 1000-години од Охридската архиепископија е настан со кој би се гордеел секој народ и секоја помесна Црква, настан што ја потврдува нашата вековна вистина, настан на кој се потпираат и нашето минато и нашата сегашност и нашата иднина.
Тој уште рече дека историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на македонскиот народ, дека слободата на Архиепископијата била и слобода за народот.
– Знаел нашиот народ дека само народ со минато, може да биде народ со иднина! Знаел дека нема вечни владари и трајни империи, туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја… Ние денес, загледувајќи се во нашето минато, прилика е да се потсетиме и да се помолиме за личностите од минатото и за нивните заслуги и дела, трудејќи се достојно да се вложиме себеси и да ги насочиме своите обврски и задачи кон сегашниве и идните потреби на нашиот народ и Црква. Душеполезно и спасоносно би било да живееме по она евангелското, што било најглавно во мисијата на нашата древна Црква: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Само така ќе им се оддолжиме и ќе покажеме достојна почит кон духовниците и паството, кон сите коишто низ вековите наназад ѝ служеле и нејзе ѝ припаѓале, кон оние коишто некогаш дочекаа славни времиња, кон оние коишто трпеле искушенија, коишто ја доживеале забраната на нејзината дејност, како и кон оние коишто ја бранеле од неправдите и се бореле за нејзино возобновување и, конечно, кон оние коишто во лицето на Македонската православна црква го доживеаја и помогнаа во нејзиното воскресение- рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
Претседателот на Република Македонија и покровител на манифестацијата за одбележување на илјадагодишнината од формирањето на Охридската архипепископија, Ѓорѓе Иванов, од своја страна истакна дека славајќи го големиот јубилеј треба да сме свесни на фактот што самата новела на византискиот император Василиј II посветена на славната Охридска Архиепископија ја констатира историската реалност дека во Македонија веќе постоела организирана Црква со црковна ерархија, Црква која произлегувала од верниците христијани, Црква произлена од народот и која постоела заради народот.
Претседателот Иванов потсети дека низ вековите Црквата во Македонија се соочувала и со прогони и со просперитет, носела различни имиња, нејзиниот статус бил унапредуван и смалуван, епархиите и биле придодавани и одземани, нејзината диецеза била проширувана и стеснувана, разни владетели ја потврдувале и ја забранувале, опстојувала и во време на императори-пагани, цареви-христијани и султани-муслимани.
– Но, без разлика на сето тоа, таа била и останала плодоносна гранка на вистинската лоза, на Исус Христос. Гранка која низ вековите ја пренесувала надежта за вечност со Бог. И токму поради таа надеж, луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11 век, византискиот император Василиј ИИ, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија- рече Иванов.
Свое обраќање пред присутните гости на академијата имаше и претседателот на Владата Зоран Заев кој посочи дека востоличувањето на Охридската архиепископија не значеше создавање нова црква туку светла точка во историјата на континуитетот на христијанството на овие простори што има корени уште од апостолско време.
Заев нагласи дека денеска се чествува десет векови поврзаност на македонскиот народ со колевката од која произлезе духовната сувереност на народот собран околу идејата за своја држава за која и се избори. Тој забележа дека никој денеска не може да го порекне, отфрли тој посебен однос меѓу Охридската архиепископија и народот во РМ. Однос изграден на длабоки врски и почит со наследството што православните христијански верници го негуваат со Охридската архипеископија, со МПЦ која иако се соочува со бројни искушенија никогаш не посегнала по туѓо, а на својата афтокефалност се повикува како што на неа се повикуваат сите помесни православни цркви денеска.
– МПЦ – ОА е жива црква со полн духовен раст. Искрено се надеваме дека многу скоро ќе преовлада христијанската љубов и добрата волја и дека МПЦ ќе стане дел од единството на православната заедница. Повторно ќе се повикаме на вредностите на древната Охридската архипеископија која била духовната обединителка на православните народи и уверени сме дека нејзиниот дух возобновен во МПЦ ќе прерасне во алка на помирување и обединување околу изворните принцпипи на заедништвото на православната црква- истакна премиерот Заев.
Свечената академија беше збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија заедно со хоровите од братствата на манстирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“. На програмата беа преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари. Во рамки на манифестацијата во галеријата на „Света Софија“ беше отворена и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.