Некои финансиски погледи за идното членство во НАТО
Виенскиот институт за меѓународни економски студии во својот нов извештај, презентиран веднаш по одложувањето на датумот за почеток на преговорите од страна на Европскиот совет, тврди дека „пристапувањето во НАТО е уште поважно за земјата (Македонија) отколку влезот во ЕУ“ и ќе донесе поголеми економски придобивки. Но, од друга страна, за целосно добивање на големата слика за НАТО, граѓаните треба да ја знаат и расходната страна на домашните трошоци од долгоочекуваното пожелно членство во Алијансата
Финализирањето на процедурата за полноправно членство на Македонија во НАТО се чини дека добива димензија на двојна компензација, по тешката француска опструкција и наметнатата нова неизвесност за иднината на патот за интеграција на земјава во ЕУ. Обидите да се спаси нешто од т.н. „придобивки од Преспанскиот договор“ сега се насочуваат на очекувањата Македонија многу брзо да стане 30-та членка на Алијансата, иако протоколот за членство во НАТО сѐ уште не го ратификувале четири земји-членки, т.е. Франција, Холандија, Исланд и Шпанија. Настојувањата да се компензира разочараноста за евроинтеграциите и истото тоа да се конвертира со восхитеност од членство во НАТО, во последно време стана одлика на јавните настапи на домашни и странски политичари или институции.
Во таков контекст неодамна Виенскиот институт за меѓународни економски студии, во својот нов извештај, презентиран веднаш по одложувањето да датумот за почеток на преговорите од страна на Европскиот совет, тврди дека „пристапувањето во НАТО е уште поважно за земјата (Македонија) отколку влезот во ЕУ“.
– Кога одлучуваат за долгорочно инвестирање капитал во регионот, странските фирми се чини дека ја ценат безбедносната гаранција на САД што го носи членството во НАТО. Во економски поглед, откриваме дека пристапувањето во НАТО е уште поважно за земјата отколку влезот во ЕУ, барем во смисла на тоа дека таа обезбедува најсериозна безбедносна гаранција на располагање на странските инвеститори (на пример, американска воена поддршка). Ова им помага на земјите да привлечат многу потребни странски директни инвестиции (СДИ). Со оглед на тоа што економскиот модел на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦЕСЕЕ) се засноваше, уште од самиот почеток на транзицијата, на капиталот и на трансферите на технологија од Западна Европа преку странски директни инвестиции, ова е од најголема економска важност – пишува Марио Холцнер, извршен директор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Истражувачите на Виенскиот институт за меѓународни економски студии откриле дека, во просек преку ЦЕСЕЕ, членството во НАТО го зголемува уделот на странските директни инвестиции (СДИ) во бруто-домашниот производ (БДП) за 11,4 процентни поени. Ова е малку повеќе (за еден процентен поен) од она што може да се очекува од членството во ЕУ.
– И покрај натамошното одложување на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ за Албанија и Северна Македонија, директното економско влијание од неодамнешните случувања не мора да биде целосно негативно. Ова е особено точно за Македонија, која наскоро ќе стане членка на НАТО. Ова, секако, претпоставува дека нема негативни политички случувања и заостанување на напредокот во реформите како резултат на несреќната одлука во Брисел – заклучува Холцнер.
Наспроти утешитилните проекции на Виенскиот институт за меѓународни економски студии за економските придобивки од членството во НАТО, сепак не треба да се затвораат очите и за финансиските обврски што ги имаат земјите кога стануваат членки на Алијансата. Како прва обврска што ја има секоја земја-членка е дека требаат да издвои од годишниот БДП за членувањето во НАТО. Всушност, на самитот на НАТО во 2014 година, во Велс, земјите-членки на Алијансата се договорија до 2024 година да го зголемат издвојувањето за одбрана на најмалку 2 отсто од БДП, а од тоа најмалку 20 отсто да се издвојува за модернизација и опрема. Претседателот на САД, Доналд Трамп, уште од почетокот на својот мандат постојано настојува уште да го зголеми тој процент. За една мала и економски сѐ уште неразвиена држава, како што е Македонија, тоа секако не се мали трошоци.
– Гледано низ бројки, ако износот на БДП на Македонија последниве години се движи околу 10 милијарди евра, тогаш за НАТО ќе треба да се издвојат околу 200 милиони во соодветната валута, од кои 20 отсто би биле наменети за модернизација и опрема со голема веројатност, поточно за купување оружје од постарите земји-членки производители на оружје. Секако, износот ќе се менува секоја година, во зaвисност од движењата на БДП – вели економскиот експерт Петар Гошев, поранешен гувернер на НБМ.
Преостанатиот дел, односно 80 отсто, апроксимативно би изнесувал 160 милиони евра на годишно ниво, што е всушност „членарината“ за партиципирање на нашата земја во НАТО.
Ако износот на БДП на Македонија последниве години се движи околу 10 милијарди евра, тогаш за НАТО ќе треба да се издвојат околу 200 милиони евра, односно по 100 евра по жител
Затоа, економскиот експерт Гошев вели дека тоа е тој „ВИП-данок за понудената безбедност од НАТО“, за која се претпоставува дека ќе донесе директни странски инвестиции, токму поради компонентата стабилност. Тој исто така истакнува дека порастот на директните странски инвестиции во земјите што се дел од Алијансата веројатно треба да биде некаква компензација за тој голем данок за безбедност. Сепак, од таа гледна точка, Гошев смета дека нашиот економски развој и спас не треба да се темелат само на директните странски инвестиции, туку треба да ги активираме и развиваме домашното стопанство и производство.
Тоа значи дека, според актуелните бројки на БДП и бројноста на населението, ако Македонија е членка на НАТО, секој граѓанин на земјава треба да учествува апроксимативно со 100 евра за годишното членство во Алијансата.
Во однос на компензирањето со странските директни инвестиции за годишниот износ што земјава треба да го издвои за членството во НАТО, Гошев вели дека треба внимателно да се гледа за какви инвестиции станува збор и тој процес треба да се следи повеќе години, а не во едногодишен период.
– Владата вели дека оваа година влегле околу 600 милиони евра странски инвестиции, но треба да се види какви се тие инвестиции. Може во голем дел да се работи за кредити од странски банки, кои секако ќе треба да се враќаат од домашните банки или од стопанството. Тие бројки треба да се согледуваат во текот на неколку години за да се добие вистинска слика за придонесот на СДИ во развојот на македонската економија – вели Петар Гошев.
Професорката на Мировните студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, Билјана Ванковска, во една од своите колумни посветени на НАТО вели дека досега нема направено издржана економска студија за чинење на членството во Алијансата.
– Никој досега не излегол со економска студија за цената на чинење на членството во НАТО, колку ќе даваме за оружје, наместо „да правиме леб“. „Реформската“ власт го зголеми воениот буџет за 15 проценти и учеството во Авганистан за уште 20 проценти (иако сме четврта нација по број на војници по жител). Топовското месо одамна не се ни пречи. Тоа е визијата, тоа е понудата. Велат „земи или остави“ – вели професорката Ванковска.
Колку издвојуваат за одбрана земјите од регионот
Во 2018 година, Црна Гора потрошила 71 милион евра на одбрана, што е 1,55 отсто од црногорскиот БДП, се наведува во извештајот на НАТО од пред шест месеци. Албанија за одбрана дала 181 милион долари, а Хрватска – 1 милијарда и 57.000 долари, додека Словенците одбраната ги чинела 558 милиони долари. Во документот што го претставил генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, се наведува дека Црна Гора во текот на минатата година потрошила 112 евра (128 долари) по жител, или 1,55 отсто од БДП за одбрана. Од земјите-членки, најмали се издвојувањата на Албанија по жител – 59 долари, додека најмногу издвоиле САД – по 1.864 долари.
Издвојувањата на Хрватска во текот на 2018 година изнесувале 269 долари, на Словенија – 272 долари, Унгарија – 190 долари, а Бугарија -124 долари, по жител.
Според документите на НАТО, за Црна Гора, од 71 милион евра, колку што е потрошено за одбрана во текот на изминатата година, најмногу пари се издвоени за лични расходи, дури 71,65 отсто. Под лични расходи се подразбираат воени и цивилни трошоци и пензии.