На Универзитетската клиника за Кардиологија минатата недела за првпат во државата се направени процедури на радиофреквентна аблација на преткоморна фибрилација со помош на 3Д мапинг систем од страна на експерти аритмолози-електрофизиолози, со сто отстотна успешност, соопшти Министерството за здравство.
– Медицинскиот термин преткоморната фибрилација (ПФ), всушност претставува аритмија која е најчеста во светски размери, со преваленца од 2 до 4% од вкупната популација. Истата е поврзана со зголемена смртност за 1,5-3,5 пати, зголемена појава на исхемичен мозочен удар (за 20-30 отсто), зголемена појава на срцева слабост (за 20-30 отсто), намален квалитет на живот кај повеќе од 60 отсто од пациентите, но и зголемување на хоспитализациите за 10 до 40 отсто кај пациентите кои живеат со преткоморна фибрилација.
Радиофреквентната аблација (РФ) на преткоморната фибрилација пак, претставува минимално инвазивна техника која се изведува во површна седација, преку пункција на десната феморална вена и понатаму транссептална пункција за премин од десната кон левата преткомора, каде со помош на 3Д мапинг систем се прави анатомска реконструкција на левата преткомора, од каде потекнува преткоморната фибрилација.
Потоа, со помош на аблативен катетер се прави радиофреквентна изолација, со енергија од 50 вати, на отворите на четирите белодробни вени кои влегуваат во левата преткомора.
Оваа револуционерна техника овозможува ослободување од преткоморната фибрилација и намалување на компликациите со процент на непосредна успешност од 95 до 99 отсто. Кај повеќе од 80 отсто од пациентите, отсуството на преткоморна фибрилација се забележува и по период на следење од 12 месеци, што јасно укажува на високата успешност на техниката“ се наведува во соопштението.