Учениците што завршија деветто одделение, вчера поднесуваа документи за упис во прва година во училиштата за средно образование. Овојпат го немаше вообичаениот метеж на влезовите. По строго утврден протокол, учениците и нивните родители трпеливо чекаа ред, одржувајќи дистанца од два метри и со маски на лицата.
Внатре им беше дозволено да влезат само учениците, а не и нивните мајки и татковци. Се влегуваше од еден влез, се излегуваше од друг. Вработени од обезбедувањето носеа визири и маски на лицата, а во училишните холови на неколку места имаше средства за дезинфекција.
– Во точно определено време, секој влегува по азбучен ред. На пример, децата што се презиваат на В и на Б, влегуваат еден по еден во периодот од 10 до 11 часот. Моето дете сака да поднесе документи за во германската паралелка – ни рече мајка на деветоодделенка.
Силвана Кржовска, директорката на скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ вели дека годинава во гимназијата има место за 408 ученици.
– Примаме 408 ученици, 10 паралелки на македонски јазик и две на турски јазик. Имаме специјална германска паралелка, каде што ученците имаат уште три часа плус во неделата, германски јазик. Интерес за упис има, не знаеме каков е успехот на ученците што се пријавуваат, но очекувам дека се одлични. Првпат имаме уписи по протокол за заштита од ковид-19, не ни беше тешко да се органзираме. Ако нешто учиме од ситуацијава е тоа да сме застанати во ред, без да си дишеме во врат и без кавги кој дошол прв – вели Кржовска.
Со почитување на правилата предвидени со протоколот, помина и првиот уписен ден во гимназијата „Орце Николов”. Со обележани крукчиња за држење дистанца, со сите средства за хигиена и лична заштита, учениците поднесуваа документи.
Добро организирани беа и во „Никола Карев”.
Во средното медицинско училиште ,,Панче Караѓозов”, секој ученик мораше да помине низ патека обележана со трака. На влезот се чистат чевлите, се дезинфицираат рацете, па се влегува во училиштната зграда.
– Не ни беше тешко да се организираме. Набавена е заштитна опрема, сите вработени имаат маски, визири, ракавици. Имавме донација во средства за дезинфекција. Има посебен протокол на движење, со цел да се контролира толпата, за разлика од лани, кога имаше голема збиеност. Примаме 646 ученици во прва година, на македонски и на албански наставен јазик. Не е исклучена можноста за полагање квалификациски испит, ако има потреба од селекција на кандидатите – вели Маја Салиу, директорката на училиштето.
Уписите траат четири дена, од изутрина, па сѐ до вечерта. Средното образование во Македонија е задолжително. Со оглед на строгите протоколи и на внимавањето, кое можеше да се забележи во училиштата, прашање е како би изгледала наставата од 1 септември.