Фото: Игор Бансколиев

Првата група бегалци од Авганистан пристигна вечерва на меѓународниот аеродром „Скопје“, каде што беше пречекана од екипи на Црвениот крст. Станува збор за 149 граѓани на Авганистан и членови на нивни семејства, кои беа дел од меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ каде што Македонија е членка, како и вработени и соработници од други меѓународни организации.

Министерството за внатрешни работи ќе ги спроведе сите безбедносни проверки за пристигнатите Авганистанци, а Министерството за здравство ќе им обезбеди ПЦР-тест и по можност вакцина.

На пристигнатите граѓани на Авганистан им се издава виза за привремен престој од 90 дена, а потоа треба да заминат на друга дестинација или во САД.

На скопскиот аеродром вечерва се присутни и министерот за надворешни работи Бујар Османи, заменик амбасадорот на САД во земјава и советници од кабинетот на премиерот Зоран Заев.