ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДЛАГААТ ДВОЈНА ЗАШТИТА ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ МАНИПУЛАЦИИ СО ПРЕБРОЈУВАЊЕТО НА НАСЕЛЕНИЕТО
И покрај тоа што сите политички чинители во земјата декларативно се залагаат за конечно спроведување на пописот, сепак активирањето на процедурите за негово законско регулирање редовно предизвикува остра полемика меѓу претставниците на власта и на опозицијата, на која вообичаено ѝ се придружуваат и претставници од етничките партии и заедници, секој со свои интереси и очекување од резултатите за пописот. Најновата идеја што е во оптек, е при попис да се зема и отпечаток од прст. Но дали е тоа доволна гаранција за веродостојни резултати и какви се европските и светските стандарди
Потребата од спроведување попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија, на некој начин веќе е издигната на ниво на препорака од европските институции (Европската комисија, Советот на Европа, Евростат) за исполнување на европските критериуми и стандарди од страна на македонската држава. Таквото барање (очекување) е изразено и во последниот извештај на Европската комисија, во кој се истакнува фактот дека попис на населението во Македонија не е извршен речиси две децении од 2002 година. Деновиве во македонското собрание повторно е влезен во процедура предлог-законот за попис на населението, овој пат со европско знаменце. Во новиот предлог, за разлика од претходниот, променети се датумите за одржување на пописот, односно истиот тој ќе се спроведе од 1 до 21 април 2021 година. Исто така во новиот предлог се дефинираат и носителите на збирки на податоци што ќе се користат при вкрстување на податоците, податок што не беше наведен во претходниот закон. Во новиот предлог се зголемува и бројот на пописни реони од 45 на 50.
И покрај тоа што сите политички чинители во земјата декларативно се залагаат за конечно спроведување на пописот, сепак активирањето на процедурите за негово законско регулирање редовно предизвикува престрелка со изјави и предлози на јавна сцена меѓу преставниците на власта и на опозицијата, на која вообичаено ѝ се придружуваат и претставници од етничките партии и заедници, секој со свој интерес и очекување од резултатите за пописот. Најновиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ пописот во април 2021 г. да се спроведува со земање отпечаток на прсти на присутните граѓани во земјата, со набавка на 10.000 уреди за читање отпечатоци од прсти, предизвика реакција на сомневања од министрите во Владата од редовите на СДСМ, за опструкција на пописот од страна на опозицијата. Аргументот на опозицијата за ваквиот предлог е процената дека со широкиот опфат на населението при пописот и на оние жители што подолго време не престојуваат во државата, резултатите можат да покажат дека Македонија има население од три милиони жители.
Различната аргументација меѓу власта и опозицијата на темата за пописот отвори и поширока дебата во јавноста и на социјалните мрежи. Роберт Милески, активист и еден од основачите на „Македонскиот национален совет“, укажува дека со пописот, пред сѐ, треба да се утврди колку население реално живее во државата, а не само да се евидентира колку се носители на македонско државјанство.
– Пописот е статистичка операција што треба да покаже колку жители има една држава, каде живеат тие, а не колку државјани! За второто има податок во МВР. За да се заштити пописот од манипулации постојат неколку начини. Јас пред многу години наведов неколку, меѓу кои беше и кросреференцирање (вкрстување) на бази на податоци од повеќе институции, како што се МВР, ПИОМ, банки и слично, а особено базите на МВР, кои евидентираат кога некој државјанин е излезен и кога влегол во Македонија. Може да се попише само државјанин што најмалку шест месеци од денот на пописот престојувал во Македонија. Сите други, според европски и светски стандарди – не се жители на Македонија, односно се жители на некоја друга држава. Нема логика еден ист човек да живее во Германија, таму да се води како жител, доаѓа во Македонија еднаш годишно по еден месец и истиот тој да биде попишан тука!… Според правилата на Евростат, јасно е како се изведува попис. Државјани на ЕУ што престојуваат подолго од шест месеци на територија на друга ЕУ-држава, автоматски стануваат и гласачи во таа општина каде што престојуваат.
Втор начин дополнително да се заштити изборниот процес е токму идејата со отпечаток на прст. На тој начин секој што ќе биде попишан мора да биде присутен, но јас на тоа би ја додал и првата заштита, односно проверка дали лицето престојувало во Македонија најмалку шест месеци пред пописот. Или, пак, потоа би ги филтрирал ваквите лица со споредување на базата од МВР. За цената: апарат за читање отпечатоци не чини повеќе од осумдесетина евра, а реалната цена се движи околу 50 евра по уред. Еве, да речеме дека ќе попишуваат 500 тима, тоа се незначајни 25.000 евра! – смета Милески.
Демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека идеален закон за попис не постои, па секој предлог што е во согласност со стандардите и препораките на Евростат и ОН за спроведување на пописот може да се прифати. Сепак, тој истакнува дека не си споменува од неговото децениско искуство во следење на демографските процеси дали некоја земја спроведувала попис со земање отпечатоци од прсти на жителите. Освен тоа, Герасимовски не може да биде сосема сигурен дали и со примената на овој инструмент ќе се добие реалната слика на постојани жители во Македонија.
– Според меѓународните стандарди, во вкупниот број на населението на една држава влегуваат оние лица што имаат 12-месечен престој во државата. При одредувањето на опфатот на пописот се зема како пресек еден критичен датум, односно конкретно за претстојниот попис, ќе се попишува сето она што е затекнато меѓу 31 март и 1 април 2021 година. Тоа значи дека ако некое дете е родено на 2 април, а попишувачите дојдат во семејството на 3-4 април, тоа дете не влегува во вкупниот број на населението според овој попис. Истиот принцип се применува и за починато лице! Ако одредено лице почине по 1 април 2021 г., за време на одржување на пописот, тоа сепак ќе биде внесено во вкупниот број на населението. Населението е променлива категорија и тоа се следи постојано, преку друга методологија и по спроведувањето на пописот. Сепак, пописот ни е потребен за процена на статистичко-економската кондиција и капацитет на државата, за да може попрецизно да се прават планови и проекции за развој. Пописот е многу повеќе од само етничко пребројување – вели демографот Дончо Герасимовски.