Маглата со остар мирис на пепел и хемикалии се спушта над Скопје како покривка, во зимските месеци кога студениот воздух е над Скопската Котлина, пренесува Пулицер центарот за известување за кризи во написот насловен „Покривка од воздушно загадување во древните долини на Македонија“.
Според проценките на професорот по медицина на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Драган Ѓорѓев, смртта на околу две илјади луѓе годишно во Македонија, може да се поврзе со спојот на чадот од домаќинствата, издувните гасови од возилата, емисиите од фабриките и помалите индустрии. Професорот Ѓоргев смета дека заштитните маски не се решение за проблемот со загадениот воздух.
– Ако почнеме да носиме маски, веќе сме ја загубиле битката. Тоа значи дека не постојат колективни мерки. Ова не е проблем на една влада. Ова е повеќедецениски проблем – објаснува Ѓорѓев, кој е и советник на Министерството за здравство.
Тој додава дека секој извор на загадување е важен, затоа што луѓето умираат, односно оти 60 до 80 отсто од Македонците кои умираат од болести поврзани со загадувањето можеле да имаат продолжен животен век, доколку државата го намали загадувањето на ниво на ЕУ. Ѓорѓев смета дека тие можеле да живеат 20 до 30 години подолго, доколку не биле изложени на воздушно загадување. Професорот го споделува и искуството на негова поранешна колешка од Финска која работела во Македонија.
– Таа беше од Финска. Работеше тука со нас во текот на седум години, а нејзината ќерка имаше чести астматични напади. Тие напади набргу исчезнаа, откако семејството се отселило од Македонија – вели Ѓорѓев, додавајќи дека кога колешката повторно дошла на посета во Скопје кажала оти „нејзината ќерка живее нов живот“.
Колективните мерки се недоследни, и покрај присутноста на проблемот на загадување и ветувањата на политичарите дека ќе дојде до промени.
– Македонија бавно го идентификува проблемот. Не е спроведен попис од 2002 година за да се процени растот на популацијата, односно загадувањето на воздухот. Следењето на квалитетот на воздухот исто така е нова дисциплина во Македонија – се наведува во написот, во кој е посочено дека Тетово и Скопје се меѓу најзагадените градови во Европа во повеќе рангирања.