Министрите за надворешни работи на Австрија Александер Шаленберг, Словенија – Анже Логар и на Чешка – Јакуб Кулханек го поддржаа предлогот на португалското претседателство на ЕУ за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија.
На средбата со македонскиот миснитер за надворешни работи, Бујар Османи тие се осврнаа на европското досие на земјава, реформските процеси, добрососедските односи, а една од централните теми беа и можностите за напредок во европските интеграции на претстојните летни Совети на ЕУ.
Министрите порачаа дека е време ЕУ да го исполни ветувањето и ја истакнаа важноста во јуни да се одржи планираната меѓувладина конференција за почеток на пристапните преговори. Велат дека доколку Северна Македонија не ги отпочне преговорите, со тоа ќе изгуби и Унијата.
Османи изрази благодарност за гласната поддршка и континуираниот ангажман на Австрија, Словенија и Чешка за досегашниот успех на европскиот пат на Република Северна Македонија, а особено беше истакната благодарноста до Европската унија, за обезбедените вакцини за граѓаните на целиот Западен Балкан.
„Нивната поддршка е навистина цврста, конзистентна и долгорочна. Ние денес не го усогласуваме нивниот став за нашите европски интеграции – тој е одамна познат; јас денес побарав, и добив силни пораки на согласност од колегите, дека оваа нивна енергичност, овој напор и гласност во рамките на Унијата ќе продолжи. Во овој условно асиметричен спор со кој се соочуваме, нам ни се потребни пријателите за да ни овозможат фер платформа, да ни овозможат фер политички простор за да можеме преку дијалог да ги отстраниме пречките за продолжување на нашите европски интеграции“, истакна Османи.
Министрите за надворешни работи се во посета на земјава, во својство на претставници на неформалната групата земји членки на ЕУ „Ц5“, во која покрај Австрија, Словенија и Чешка, членуваат и Словачка и Унгарија, чии претставници веќе беа во посета на земјава. Овие земји претставуваат непосредно соседство на Западниот Балкан.