фото: Влада на Република Северна Македонија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со четворица од петтемина новоизбрани офицери на Армијата кои во следните четири години ќе извршуваат работни задачи во командните структури на НАТО. Заедно со уште еден офицер, кој веќе е во Измир во Турција, тие ќе бидат првата репрезентација на земјава што ќе ги пополни овие офицерски места во командната структура во НАТО. За вчерашните прелети на авиони на НАТО на македонското небо Шекеринска вели дека тоа само го засилува суверенитетот на државата.
Потполковник Горан Стојановски, во името на одбраните офицери, рече дека изборот е огромна чест и одговорност.

– Ќе работиме да ја оправдаме довербата и да го претставуваме ликот на офицерот и на старешината на Армијата, а со тоа и на државата. Дополнителен предизвик ќе претставува работата во мултинационалната воена средина, каде ќе работиме со останатите старешини од земјите членки на НАТО. Ќе имаме и можност да ги покажеме нашите квалитети и капацитети, како и да се стекнеме со нови знаења и искуства – изјави потполковникот Стојановски.

Министерката Шекеринска информира дека во тек се конкурси за дополнителни седум НАТО позиции на различни нивоа, а планот е до 2023 година целосно да се пополнат сите 20 места, што ѝ припаѓаат на нашата армија во командната структура во НАТО.