Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот на Република Македонија.
На средбата присуствуваа поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима, г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис Ул Улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, поглаварот на Католичката црква, Скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, Претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев, претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо Николиќ, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
На средбата претседателот Пендаровски посочи на соживотот и почитувањето на различноста како една од темелните вредности на Република Македонија.
Како што соопштија од Кабинетот на Пендаровски, тој пред поглаварите и претставниците на верските заедници ја истакнал неговата заложба да соработува со сите верски заедници во Македонија, во интерес на меѓусебното разбирање и толеранција.
Претседателот Пендаровски укажа на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници во негувањето на соживотот, како важен предуслов за просперитет и напредок на државата.
Поглаварите и претставниците на верските заедници ја поздравија иницијативата за одржување на денешната средба и посочија дека и покрај верските разлики, заедничка цел на сите е градење на мир и почитување.