Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје – од Милано до Глазгов и понатаму, иницијатива која е поддржана од УНИЦЕФ, а финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА). Самитот е организиран во партнерство со Амбасадата на Италија, како еден од домаќините на Младинскиот самит за климатски промени на ОН, во Милано и Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како домаќин на Конференцијата за климатски промени на ОН, во Глазгов.
– Годинава прославуваме три децении од македонската независност, години на успеси, но, и на бројни предизвици кои стоеја и сеуште стојат пред нашата заедничка држава. Несомнено е дека наредните 30 години, не само за нас во Република Северна Македонија, туку и за целиот свет, ќе бидат дефинирани од најголемиот глобален предизвик, а тоа се климатските промени – рече Пендаровски.
Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени – ИПЦЦ, како што рече Пендаровски, недвосмислено укажува дека ние веќе ја живееме последната деценија во која ќе можеме да влијаеме за да го ограничиме глобалното затоплување.
– Меѓутоа, за тоа да го направиме ќе биде неопходно брзо и од корен да го промениме енергетскиот и производствениот систем во светот. Ќе мора да стекнеме нови, одржливи животни навики и да покажеме многу поголема грижа за животната средина. Во спротивно, ако не успееме на глобално ниво драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во текот на оваа пресудна деценија, и ако не успееме да постигнеме нето нула емисии до 2050 година, тогаш неминовно ќе дојдеме до точката од која ќе нема враќање – потенцира претседателот.
Според него, годинешниве шумски пожари и поплави и кај нас и во Европа ни претскажуваат каква иднина не очекува.
– Северна Македонија е една од првите држави која усвои Национална стратегија за енергетски развој до 2040 година. И покрај пандемијата на ковид-19, годинава усвоивме ревидиран национален утврден придонес за намалување на стакленичките гасови. Утврдивме дури 63 планови за климатска акција што се директно поврзани со 15 цели за одржлив развој. Ме радува што неодамна Владата ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план. Целта на оваа стратегија е да постигнеме зелен, ниско јаглероден и климатски одржлив развој. Стратегијата не обврзува да ги намалиме националните нето емисии на стакленички гасови за 72% до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година – рече Пендаровски.