Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со министерот за правда, Бојан Маричиќ и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

На средбата Пендаровски бил информиран за тековните процеси на реформи во судството и за активностите и капацитетите на Државниот завод за статистика во пресрет на спроведувањето на пописот, информираат од претседателскиот кабинет.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски истакнал дека Заводот е целосно подготвен за спроведување на пописот во контекст на методолошкиот и техничкиот дел и изразил очекување дека Законот наскоро ќе биде донесен, со цел навремено и адекватно постапување.

Претседателот изразил очекување дека во новото законско решение ќе бидат вградени највисоките статистички стандарди на „Еуростат“ со цел да се реализира валиден и кредибилен попис, како што соодветствува за една демократска држава.

Министерот за правда го информирал Пендаровски за новата методологија за оценување на работата на судиите и претседателите на судовите, како и со новата алатка за филтрирање и проверка на работата на судиите и судовите.

Претседателот ја поздравил одлуката на Советот за реформи во правосудството за ветинг на судиите, оценувајќи ја како чекор напред во стекнување на доверба на граѓаните во работата на судството.

– Правната држава е од егзистенцијално значење и мора да биде поставена на здрави темели. Реформите во правосудството треба да бидат ефикасни, и тука не смее да постои селективност и толеранција – посочил Пендаровски.