Денеска беше промовиран проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“, којшто по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, се одржа во Кабинетот на Претседателот на државата.
Посочувајќи дека целта на денешниот настан е да се поврзат работодавачи и млади лица кои се во потрага по можности за кариерен развој, претседателот Пендаровски изрази уверување дека проектот ќе придонесе за професионален развој и економска независност на младите преку одржлив систем за градење вештини и компетенции, прилагодени на потребите на пазарот на трудот.
– Успехот на предвидените активности секако зависи и од тоа колку младите ќе бидат проактивни, трагајќи по можности за стекнување знаење и вештини, но и од тоа колку корпоративниот сектор и граѓанските организации ќе ја препознаат оваа добра можност и ќе се здобијат со вреден човечки капитал со потенцијал соодветно да одговори на нивните потреби и барања – рече претседателот Пендаровски.
Проектот го спроведува Националниот младински совет на Македонија и Младинската група, а е поддржан од Британската амбасада во Скопје и од Кабинетот на Претседателот на Македонија.
– Апсолутно сум убеден дека со заеднички напори на сите надлежни општествени субјекти можеме да помогнеме во отворањето на нови можности и создавањето на позитивна атмосфера, со цел, младите да станат активен дел од важните општествени процеси. Заеднички да се обидеме да се оттргнеме од летаргијата, апатијата, демотивираноста и да отвориме нови перспективи, простор за нови идеи преку кои ќе ја канализираме младинската енергија – додаде претседателот Пендаровски во обраќањето.
На настанот учествуваа околу 20 претставници од компании вклучени во програмата за практикантство во рамки на проектот МладиХаб и околу 30 млади лица.
Преку нашиот проект со Канцеларијата на Претседателот и Националниот младински совет ќе се обучуваат и менторираат млади луѓе како да основаат свои бизниси и ќе соработуваат со приватниот сектор и граѓанското општество за создавање на партнерства. Овие партнерства ќе создадат можности за младите луѓе да стекнат корисно работно искуство од компаниите и граѓанското општество, рече Доминик Отвеј, Вршител на должност во Британската амбасада во Скопје.
– Се уште посветени на нашата мисија и водени од фактот што еден од најчестите предизвици при вработување за младите е недостатокот на работно искуство, оваа година работиме на градење на компетенции на младите. Проектот опфаќа практикантство, менторство, обуки за претприемништво и канцеларии во повеќе градови со цел да ги доближиме програмите за вработување, обука и дообука на младите – заклучи Марија Крстевска, претседателка на Националниот младински совет на Македонија.