Пред скоро три децении, во 1991-та, на референдум, убедливо мнозинство наши граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија. Оттогаш имавме и напредок и падови во борбата за демократски вредности, наведува во писмено обраќање претседателот, Стево Пендаровски, по повод празникот 8 Септември-Денот на независноста.

Патот по кој тогаш тргнавме не е лесен, вели Пендаровски и додава дека тој пат бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот.

– Демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа. Оваа година беше тешка и за нас и за светот поради пандемијата на ковид-19. Криза која ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца. Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми – се наведува во обраќањето на претседателот.

Пендаровски потсетува и на успесите постигнати годинава, меѓу кои ги наведува решавањето на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи и полноправното членство во НАТО.

– Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани. Почнувајќи ја триесеттата година на нашата независност, очекувам, Вие граѓаните да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку до сега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме – се додава во обраќањето на Пендаровски.


Заев: Исполнет е сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава

Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни. Оваа година слободни и отворени кон светот ја славиме независноста, пишува премиерот Зоран Заев, по повод празникот 8 Септември – Денот на независноста.

– Почитувани граѓани на Република Северна Македонија, нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста! Пред 29 години, на 8 септември, граѓаните на Република Македонија, на сите идни поколенија на оваа земја, им го дадоа најголемиот подарок – независноста на државата. Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни. Оваа година слободни и отворени кон светот ја славиме независноста! – наведе Заев во честитката на социјалните мрежи.


Мицкоски: По 29 години зборуваме за истите цели како во времето кога се создаваше државата

Денес се одбележуваат 29 години независност, 29 години на искушенија, подеми и падови, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод Денот на независноста, нагласувајќи дека и по 29 години зборуваме за истите цели како во времето кога се создавала државата – Европска Унија, силна економија, сигурност.

– Тоа покажува дека тоа се вистинските вредности кон кои се стремиме, но фактот што не сме ги исполниле досега покажува дека власта не успеваа во својата мисија. Во нашата татковина не’ има секакви, од повеќе етнички припадности и вери. Но, не’ обединува заедничката мисла за подобар живот, за среќа и успешност која ја нема нашата земја – вели Мицкоски.

Тој оценува дека не ги исполнуваме целите на генерацијата која се изборила за независноста, затоа што „имаме држава со слаби институции, земја потопена со криминал и корупција, намачен и сиромашен народ. Мафија која управува со државата и сака да управува со животите на луѓето“.

– Нашата генерација е тука и чекаме нова шанса. Македонија не успева затоа што на народот му треба пресвртница која ќе ги направи заедничките животи подобри и поуспешни – вели Мицкоски.

Според партискиот лидер, потребни ни се промени кон подобро, а за тоа, како што вели, треба работа и ангажман на секој еден од нас и да разбереме дека секој е создавач на својата судбина и среќа.

– Од нас зависи се’. Затоа мора заеднички да се избориме, да немаме богата влада а сиромашен народ, влада која има удобства а народ кој живее на вересија. Македонија мора да успее и има енергија за пресврт кој ќе донесе исполнување на нашите идеали. Идеалите го дефинираат нашето постоење, а Македонија мора да успее и нема опција за друго. Мафија или Македонија. Да веруваме во себе, да веруваме во Македонија. Честит празник на татковината, да ни е жива и долговечна европска Македонија. Да се избориме за заедничката среќа – додава Мицкоски.


Груби: Независност значи еднаквост

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, по повод одбележувањето на 8 Септември, на сите граѓани им го честита Денот на независност.

Груби во својот говор кажа дека за време на 29-годишното патешествие на градењето држава и државната консолидација, заедно научивме дека да се сака и одржува мирот, слободата, независноста, стабилноста, економскиот и социјалниот развој значи да сакаме, чуваме и одржуваме совршено еднакво општество на граѓани.

Груби подвлече дека целосната еднаквост меѓу заедниците во правата, можностите, одговорностите и обврските е основата врз која ќе ја градиме и опстоиме нашата европска иднина, бидејќи целосната еднаквост е духот на слободата и независноста.

– Честит 8 Септември, Денот на независноста. Добро здравје и ве молам, бидете внимателни, носете маска, држете физичко растојание и максимална хигиена – порача Груби.


Ахмети: Наша должност е да ги решиме предизвиците за идните генерации да живеат во мир

За овие 29 години државност, поминавме долг и тежок пат, а сепак се уште
се соочуваме со големи предизвици пред нас.

Наша должност е да ги решиме овие предизвици, еден по еден, денес, за
идните генерации да можат да живеат во мир и просперитет.

Честитки за Денот на независноста и благодарност до сите граѓани, но и
до меѓународните пријатели кои се со нас и на нашето патување.