Осаменоста во Германија зема замав како епидемија, особено во главниот град. Таму сѐ погласни се заговорниците на идејата, по примерот на Велика Британија, да се формира министерство за осаменост. Што мислат психолозите за овој глобален феномен и какви се состојбите во Македонија
Колку современиот живот, модерната технологија и брзото темпо на новото време, влијаат врз однесувањето на граѓаните на Македонија, без исклучок на нивната возраст, сѐ повеќе да се затвораат во себе, односно да се отуѓат од секојдневниот жив контакт со оние околу нив. Овие дилеми се актуелни во денешницата, кога од ден на ден сите сме сведоци дека начинот на живот и интеракцијата меѓу членовите на семејството и пријателите по многу нешта се разликуваат од оние на пример пред триесетина години. Едноставно, осаменоста и отуѓеноста стануваат феномен на денешницата наспроти модерната технологија и напливот на информации.
Според упатените, тоа се должи на исчезнувањето на личните длабоки пријателства. Дружењето не мора и не смее да биде работа на минатото време. Кога сме биле деца, било многу полесно да се создадат пријателства, бидејќи секое дете може многу лесно да се здружи со свој врсник, па дури и ако двете деца не го говорат истиот јазик. Овие состојби на полошо многу се менуваат кога децата ќе пораснат. И додека да се свестиме, нашите пријатели се сведуваат единствено на неколку напишани пораки преку социјалните мрежи или телефонски разговори за време на празниците и така постепено се осамуваме и отуѓуваме од општествениот живот.
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека модерниот живот придонесува луѓето социјално да се отуѓуваат едни од други, а тоа создава состојба во која тие се затвораат во себе, не разговараат дури ни со најблиските пријатели, па дури ни со психолози и психијатри и запаѓаат во депресии.
Таа истакна дека најверојатно во ова модерно живеење и таа социјална отуѓеност може дури да придонесува да се зголеми бројот на самоубиства, затоа што голем дел луѓе се чувствуваат изолирано, осамено, напуштено, неприфатено.
Според психологот, семејството и пријателите играат важна улога во надминувањето на отуѓеноста.
– Во ова модерно општество, семејството ја губи својата функција, улога, изгледот, начинот на функционирање, а со тоа придонесува луѓето да се чувствуваат осамено, но и отуѓено. И покрај тоа што ние уште сме конзервативна земја, Западот со големи чекори влегува кај нас и се менуваат начинот на живеење, размислувањето, функционирањето, семејството, начинот на кој го гледаме светот, како светот го гледа поединецот… Значи дека модерното време, како и транзицијата низ која толку долго поминуваме и сѐ уште трае, може да биде добра причина луѓето да дојдат во ситуација на едно душевно страдање – вели Јовановска Стојановска.
Од друга страна, една интересна статистика на оваа тема вели дека истражување спроведено во 1985 година на овие простори стигнало до заклучок дека најголем број испитаници тврделе дека имаат најмалку три лица што ги сметаат за блиски пријатели. Нецели дваесетина години подоцна, во 2004 година, истото истражување покажало дека најголемиот број анкетирани изјавиле дека бројот на нивни блиски пријатели исчезнал или се свел на нула.
Сето тоа покажало дека едно од четири лица живее живот без ниту еден близок пријател со кој би делело моменти од животот.
Во контекст на овие случувања, мора да се напомене дека пријателите се важни, битни и пресудни за добар живот, а осаменоста е убиец.
Истражувачката Џилијан Холт-Лунштат направила анализа на општествената поддршка на луѓето и нивната здравствена состојба и заклучила дека недоволниот број пријатели во животот и слабиот општествен круг на лица со кои комуницираме во секојдневието доведуваат до зголемен ризик по здравјето, кој е еднаков со ризикот врз здравјето ако пушиме по 15 цигари дневно.
Значи, ако навистина сакате животот да ви биде исполнет со насмевки, мора да вложувате труд и енергија во стекнување и одржување на пријателствата.
Наспроти ставот дека среќата може тешко да се објасни и дека таа зависи најчесто од материјалното богатство, научниците идентификувале основни факти што го сочинуваат т.н. среќен живот, а тоа се бројот на пријателите, блискоста со пријателите, блискоста со членовите на семејството и релациите со соработниците и со соседите.
Натаму, професорот и социолог Џорџ Вајант спровел истражувањето на оваа тема за Универзитетот на Харвард, кое е насловено „Грант стади“, во кое е констатирано дека единствената работа што е навистина битна во животот на еден човек се неговите релации и односи со другите луѓе.
Според истражувањето, кое е публикувано во книгата „Триумф на експресиите“, на секои седум години губиме контакт со половина од нашите пријатели стекнати во животот.
Поаѓајќи оттука, авторот во својата студија дава одговор на прашањата колку навистина блиски пријатели се потребни во животот за да може да се заклучи дека таа личност е навистина среќна во животот.
Во меѓувреме, анкета спроведена во САД на оваа тематика открива дека 60 отсто е поголема веројатноста луѓето што имаат пет или повеќе блиски пријатели за себе да заклучат дека тие се среќни.
Во големиот број истражувања и анализи на тема отуѓеност и осаменост се наведуваат и неколку правила како да се избегнат и превенираат ваквите појави, и тоа: нов почеток со стари пријатели, слушајте, барајте сличности со луѓето и радувајте се, бидете отворени, најдете повеќе време за пријателите и негувајте го пријателството.
Членство во здружение за поголема среќа
Во Данска живеат најсреќните луѓе на светот, а тоа е така бидејќи 92 проценти од нив се зачленети во различни општествени групи и здруженија.
Социологот Рут Венховен и неговиот тим во своите анализи на проблематиката спроведени во 91 земја стигнале до податоци што велат дека среќата на луѓето во оваа европска земја се должи на фактот дека најголем дел од нејзините граѓани членува во разни здруженија и групи што спроведуваат различни активности, од спортски до културни. Токму затоа, Венховен утврдил дека здружувањето е успешна формула за среќа, со која се избегнува осамувањето и се посегнува кон активен општествен живот, преку кој се одржуваат пријателствата и се ужива во овие врски, а тоа треба најмногу да се практикува во животот на пензионерите.
Германија и Англија со министерства за осамени
Властите на Берлин размислуваат да воведат министерство за осаменост, затоа што осаменоста во Германија зема замав како епидемија, особено во главниот град. Во Берлин, каде што живеат околу три и пол милиони луѓе, речиси половина од домаќинствата се составени од една личност, а најмалку 300 луѓе годишно умираат во своите станови без да дознае некој или да забележи.
Според написите во медиумите, секој десетти човек во Берлин е осамен, а таа епидемија особено ги погодува постарите луѓе. Исто така, секој петти човек постар од 85 години е осамен. Овој проблем се заканува да се претвори во вистинска здравствена криза на долг рок, а, според актуелните истражувања, осаменоста го зголемува морталитетот во иста мера како и пушењето 15 цигари дневно.
Тамошните медиуми информираат дека германските пратеници веќе осмислиле некои креативни решенија. Властите во 2017 година воведоа посебна телефонска линија за постари луѓе што празниците ги поминуваат сами, а сѐ погласни се заговорниците на идејата по примерот на Велика Британија да се формира министерство за осаменост. Партијата Христијанско-демократски сојуз предложи и именување официјален комесар за осаменост во Берлин.