Илустрација / Фото: Архива

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска ќе одржи средба со студентите и дел од професорите при Економскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, каде ќе го промовира конкурсот на Секретаријатот за европски прашања „Со европско знаење до европската престолнина“.

Во рамките на посетата, вицепремиерот Османи ќе има обраќање пред студентите за актуелностите со кој се соочува Република Македонија во процесот на европските интеграции, а претставници на Секретаријатот за европски прашања ќе ги презентираат техничките делови од нивната работа.

Османи ќе има средба и со студентите и дел од професорите при Правниот Факултет при Универзитетот во Тетово, каде ќе го промовира конкурсот на Секретаријатот за европски прашања „Со европско знаење до европската престолнина“.

Тој ќе им се обрати на студентите за актуелностите со кој се соочува Република Македонија во процесот на европската интеграција, а претставници на Секретаријатот за европски прашања ќе ја презентираат состојбата во процесот на европска интеграција, како и состојбата во искористувањето на ИПА фондовите.

На конкурсот може да учествуваат студентите на општествените науки при државните универзитети, со изработка на есеи на однапред определени теми и во координација со менторите од нивните факултети. Преку есеите тие ќе имаат можност да го покажат своето европско знаење и, како што е предвидено со правилата на конкурсот, најдобрите 12 ќе добијат шанса да ја почувствуваат атмосферата во Брисел, преку тридневна студиска посета на европската престолнина, каде што ќе имаат прилика да ги посетат клучните институции на ЕУ и да се запознаат со начинот на нивната работа.