Во саботата наутро почина уште еден, 39-годишен пациент на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), подлегнувајќи им на повредите добиени од сообраќајната несреќа кај Ласкарци, близу Гостивар. Пациентот имал тешки повреди на градниот кош и белите дробови. Бројката на починати од трагичната несреќа се искачи на 15 лица.
Починатиот на денот на несреќата бил примен меѓу првите што биле донесени на клиниката и веднаш бил опериран. Поради сериозноста на повредите, лекарите следниот ден направиле обид да го спречат крвавењето на белиот дроб од згмечувањето што го имал. Инаку, на оваа клиника се сместени четворица пациенти со сериозни повреди.
Извршени се две хируршки интервенции кај 20-годишната девојка што доби тешки повреди на ногата, а за која во петокот лекарски конзилиум одлучуваше дали ќе ѝ биде ампутирана ногата.
Во Клиничкиот центар во Скопје се лекуваат вкупно шест пациенти, од кои четворица на КАРИЛ. Двајца се во стабилна здравствена состојба, додека, пак, другите двајца се во критична состојба. Директорот на КАРИЛ информира дека по две операции, девојката на која ѝ е ампутирана ногата за спасување на нејзиниот живот е во тешка критична состојба и понатаму. И другиот пациент што е со торакална повреда исто така е во критична состојба и е на интензивно лекување. Во саботата еден пациент е префрлен од болницата „8 Септември“ на Клиниката, за подобар мониторинг на белите дробови.
Во моментов во градската општа болница „8 Септември“ се хоспитализирани 18 пациенти. Тројца од нив се наоѓаат во критична состојба, додека, пак, преостанатите 15 пациенти се во стабилна здравствена состојба и закрепнуваат од повредите од тешката сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово. Еден пациент во текот на вчерашниот ден е пуштен на домашно лекување.
Во Клиничкиот центар во Скопје се хоспитализирани шест пациенти, од кои тројца на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Двајца од нив се во стабилна состојба. Пациентот што е хоспитализиран на Клиниката за торакална хирургија и пациентката (трудница) што се наоѓа на Клиниката за гинекологија и акушерство исто така се во стабилна здравствена состојба. Во моментов се изведува операција на пациентка од неврохирургија, соопштуваат од Одделението за односи со јавноста при Министерството за здравство.
Пациентката што се наоѓа во тетовската болница е во стабилна и добра здравствена состојба.