Во Музејот за современата уметност се одржа традиционалната прослава по повод Денот на МНР – 29 Април. Годинешната јубилејна прослава ја одбележа 50-годишнината од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 година, претходник на современото Министерство за надворешни работи, кое во 1991 година на Денот на независноста ја презеде одговорноста за етаблирање на земјата како независна и суверена држава.
На прославата се обратија премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, а во име на дипломатскиот кор зборуваше доајенот, амбасадорот Матс Стафансон.
– Особено сум почестен и се гордеам што можам со вас да ги споделам 50-те години раст и развој на Министерството за надворешни работи. Во исто време, ова е вистински предизвик и одговорност за мене бидејќи не е лесно да се зборува за нешто што е постаро од вас самиот – истакна во поздравниот говор министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Споделувајќи ги заедничките приказни, но и несовршеностите и визијата, како особено важно достигнување на нашата дипломатија, Димитров го истакна потпишувањето на протоколот за нашето членство во НАТО на 6 февруари 2019 година опишувајќи го како „денот кога се оствари децениската заложба на нашата држава, на кој особено се гордееме. Се гордееме што ја избравме активноста, конструктивноста и одлучноста како ориентир и принцип во надворешната политика. Тоа беше најголем доказ за зрелост и ако, како што велат нашите партнери – оваа година единствената светла приказна доаѓа од Балканот – и притоа се надоврзат преземените внатрешни реформи, тогаш несомнено и недвојбено нашата држава во јуни ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ.
– Северна Македонија за многу кус период ги реши сите отворени прашања и несогласувања со соседите. Од изолирана држава прерасна во модел за успешно решавање на билатералните спорови. Од нашите најголеми противници создадовме наши најголеми сојузници и поддржувачи на патот кон НАТО и Европската Унија. Реалност станаа нашата стратешка ориентација и долгогодишниот стремеж да бидеме на иста маса со големите сили во НАТО. А веќе сме на чекор да го преминеме и прагот на Европската Унија. Овие факти за мене, а верувам и за сите граѓаните на оваа земја, се повеќе од доволни да продолжиме во ист правец кога е меѓународната политика во прашање – изјави премиерот Заев, потенцирајќи го напредокот во надворешната политика постигнат во изминатите две години.
Министерката Царовска истакна дека една од основните нејзини заложби за кои жестоко се залагала уште пред да стане министерка е родовата еднаквост.
– Силно верувам дека жени мора да има на лидерски позиции и еднакво да учествуваат секаде каде што се носат одлуки. Без тоа ние не можеме да зборуваме ниту за демократија ниту за праведно општество. Жени мора да има и во дипломатијата, и во одбраната и во безбедноста – изјави министерката Царовска.
Во рамките на церемонијата Димитров го додели традиционалното признание „Дипломат на годината“.
– Беше предизвик и стремеж за државната политика и за многумина во Министерството, луѓе што му дадоа и личен белег на овој процес, се гордеам и благодарен сум им на сите. Оттука, во годината кога го бележиме овој најголем успех на меѓународната политика, особено ми е задоволство што признанието „Дипломат на годината“ му припадна токму на еден од нив, на Дејан Велкоски – потенцира Димитров.