Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Скопје ги отфрли кривичните пријави против петмина судии од Уставниот суд поднесени од страна на претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.
Во денешното соопштение од Јавното обвинителство се наведува дека надлежниот јавен обвинител утврдил дека нема основано сомнение оти судиите ги сториле кривичните дела за кои биле пријавени.
Во кривичните пријави поднесени од претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров било наведено дека петмина судии од Уставниот суд сториле кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „самовластие“ од Кривичниот законик.
– Подносителот навел дека судиите не постапиле по трите иницијативи кои тој ги доставил во Уставниот суд на Република Македонија, и тоа правата за поништување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесена на 21.10.2015 година, втората за поништување на Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија поднесена на 9.5.2017 и третата иницијатива за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител по преземените дејствија за проверка на наводите од поднесените кривични пријави утврдил дека во Уставниот суд веднаш по приемот на иницијативите се оформени предмети по кои во континуитет се преземани дејствија, барани се податоци потребни за одлучување по предметот и вршено е споредбено истражување на нормативните решенија и уставно судски одлуки. Проверена е и уставно-судската практика како елемент кој се зема предвид при одлучувањето на Уставниот суд.
Постапката по две иницијативи е во тек во Уставниот суд, додека за иницијативата за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО е одлучувано на седница на Уставниот суд, при што е донесено Решение за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста.
Јавниот обвинител утврдил дека не се точни наводите во кривичните пријави, односно дека пријавените ги преземале во континуитет сите службени дејствија и оти нема основи на сомнение дека ја злоупотребиле службената положба.
Јавниот обвинител исто така утврдил дека во преземените службени дејствија на судиите нема материјални факти кои би укажале на самовластено постапување на осомничените, односно дека нема елементи дека извршиле кривично дело самовластие.