Републичкиот завод за безбедност на сообраќајот на патиштата ги соопшти измените на ЗБСП кои веќе стапија во сила.
За оние сообраќајни прекршоци кои спаѓаат во групата на животозагрозувачки, (возење под дејство на алкохол, непочитување на правилата за ограничување на брзината, итн.) висината на предвидените парични санкции за сторен прекршок останува непроменета. Согласно тоа, освен наведените прекршоци дефинирани како животозагрозувачи, за останатите прекршоци, највисока парична санкција за физичко лице, за сторен сообраќаен прекршок, изнесува 250 евра во денарска противвредност.
Новина во делот на санкционирањето е и тоа што се укинуваат таканаречените „негативни поени“ кои досега се впишуваа како замена за изречена парична санкција за сторен сообраќаен прекршок.
Како поважни одредби со кои се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет се издвојуваат:
Возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци.
( се забранува движење со тротинет на коловоз)
Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 км/ч., додека по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, не смее да се движи со брзина поголема од 6 км/ч.
Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.
Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото. (треба, но нема санкција за не носење).
Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.
На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.“
Друга новина во ЗБСП е тоа што возрасната граница за издавање на возачи дозволи изнесува 75 години, наместо 70 како што беше досега со тоа што возач на моторно возило кој наполнил 75 години возраст, задолжително подлежи на контролен здравствен преглед во временски интервали кои не можат да бидат подолги од пет години.
Исто така, Законот предвидува и можност за одземање на возилото до 90 дена.
Според измените на ЗБСП, полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото, до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена.
Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.
Друга важна новина е тоа што според измените на ЗБСП, доколку возачот во период од една година, откако му е изречена санкција – забрана за управување на моторно возило од определена категорија, стори друг сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило, тогаш ќе му биде изречена прекршочна санкција – престанок на важење на возачката дозвола за истата категоријата за која му била изречена прекршочната санкција – забрана за управување.