Петнаесет новинари кои известуваа од Собранието на 27 април 2017 година покренаа иницијатива за тужба против државата за надомест на штета.
Новинарот Боби Христов, кој е еден од иницијаторите, информираше дека во моментов се во комуникација со правници и дека е можно тужбата да биде проширена и во граѓанска постапка да се утврди одговорноста на поединци во која со преземање или не преземање на одредени дејства придонеле до настанатата ситуација.
-Зад инцијативата сме петнаесеттина, но таа е отворена за сите колеги, фотографи, сниматели… а некаде после празниците сите кои сакаат да учествуваат во иницијативата можат да се приклучат и да ја продолжиме постапката, појасни Христов.
Новинарот Горан Трпеноски информираше дека во инцијативата сакале да се приклучат и вработени во Собранието, но нагласи дека во неа можат да се вклучат и оние новинари-извествувачи од настаните кои биле надвор од Собранието.