Припадниците на Одделението за претходница и сообраќајно ескортно обезбедување во МВР, добија на користење нова мотоциклистичка опрема, при што за прв пат добиваат два вида на опрема зимска и летна – триесет комплети, информираат од МВР.
Според ресорното министерство, станува збор за обнова по цели дванаесет години, а опремата се состои од чизми, заштитни чевли, кациги, виндјакни, подјакни, пантолони, појаси, ракавици, рефлектирачки елеци, маици, чија што вкупна вредност изнесува 3.988.230 денари , односно по 132.931 денари за еден комплет.
На настанот присуствуваше и министерот Оливер Спасовски кој кажа дека во изминатите четири години се забележува континуитет и динамика во опремувањето на полицијата.
– Министерството за внатрешни работи од сопствени средства, од буџетот наменет за потребите на министерството, не само што го обновивме сето она што деценија и повеќе беше запоставено и недостасуваше за нормално работење на полицијата, туку уште повеќе – дел по дел, плански, генерално се подобри нивото и стандардите на материјално-техничката и инфраструктурна опременост – посочи Спасовски.