Кој фрла димни бомби во јавноста за да се маскира бугарското фашистичко минато?
Којзнае од која причина, копретседателот на македонско-бугарската комисија за историски прашања, Драги Ѓоргиев, во јавноста излезе со длабоко контроверзна констатација. Имено, неговиот став е дека Бугарија во Втората светска војна не може да се дефинира како фашистичка?! Поточно тој вели дека Бугарија била само „коалиционен партнер на нацистичка Германија и фашистичка Италија“, била монархија и имала парламент, при што тој не смета дека Бугарија „треба да биде дефинирана како фашистичка“. Но историчарите и професорите со кои се консултиравме се вчудовидени и сосема ја отфрлаат ваквата изјава. Според нив, преочигледно е, доколку само се погледнат фактите и историските документи, дека Бугарија во споменатиот период не само што е фашистичка држава туку е и националсоцијалистичка, односно нацистичка
Продолжуваат контроверзиите и противречностите во македонско-бугарската комисија за историски прашања по последната работна средба, која заврши неуспешно. Имено, копретседателот на комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, првпат многу јасно ги образложи македонските позиции, најверојатно поради бурните дискусии со бугарските колеги. Но Ѓоргиев начна една контроверзна тема што предизвика реакција кај македонската јавност. Според него, „Бугарија е коалиционен партнер на нацистичка Германија и фашистичка Италија. Јас не се согласувам лично со тоа, Бугарија да биде дефинирана како фашистичка Бугарија. Бугарија нема фашистичко уредување во тоа време. Таа е монархија и има парламент.“
Лично согледување или „управување со далечинско“ за комисијата
Според десетици соговорници, историчари и професори со кои се консултиравме, искажувањето на копретседателот на комисијата од македонска страна е длабоко контроверзно од неколку аспекти. Но најпрво тие го издвојуваат ставот дека „тој самиот вели дека е тоа негово лично согледување, а не за становиште на македонската и светската историографија“. Според соговорниците, „нештата не можат да се поедноставуваат во смисла дека Бугарија нема фашистичко уредување затоа што била монархија и имала парламент?!“
Историските тези секогаш треба да бидат засновани врз длабока анализа и внимателно проучување на документите и историските извори. Доколку сакаме да тврдиме дека Бугарија нема или има фашистичко уредување мора да определиме што точно е фашизмот и дали бугарската држава во овој период има или нема елементи на фашистичката идеологија, а доколку ги има дали имаат пресудно влијание врз политичката суштина на Бугарија во споменатиот период.
Без сомнение Бугарија длабоко забраздила во фашистичката идеологија
Што точно е фашизмот? Наједноставната дефиниција гласи дека фашизмот е радикален десноориентиран авторитативен ултранационализам. Фашистичката идеологија се одликува со насилно потиснување на опозицијата, диктатура, култ кон нацијата и државата, антидемократизам, антилиберализам, протекционизам и интервенционизам во економијата, употреба на насилството како легитимно средство во внатрешната и надворешната политика, милитаризација на општеството, надворешна територијална експанзија и сл. Да ја разгледаме суштината на Бугарија во предвоениот и воениот период! На 19 мај 1934 година во Бугарија беше извршен државен удар познат како Деветтомајскиот преврат. Новата власт го суспендира Трновскиот устав, го распушта Националното собрание и ги забранува политичките партии. Со овој чин, Бугарија започнува да се преобразува во авторитарна држава, а во овој дух е и создавањето на т.н. Главна дирекција за обнова, која ги контролира печатот, кината, радијата, театрите и јавните собири. Во 1935 година, бугарскиот цар Борис Трети успева да ја собори новата влада, меѓутоа не ја возобновува демократијата. Борис Трети го враќа Трновскиот устав, но политичките партии и понатаму се забранети. Премиерот и Владата се директно назначувани од бугарскиот цар со што авторитаризмот се продлабочува и најголемиот дел од политичко-општествениот живот се контролира директно од државата, слично како во фашистичка Италија и нацистичка Германија.
По Првата светска војна во Бугарија се појавува и се засилува радикалната десница, која се одликува со крајно десничарска идеологија, екстремен национализам, фашизам и нацизам. Кон крајот на 30-тите години на 20 век, радикалната десница започнува да влијае врз главните политички групации во бугарската држава. По преземањето на власта од страна на Борис Трети, претставниците на радикалната десница извршуваа високи позиции во државата, а Владата ги толерираше нивните екстремни идеолошки погледи, кои со текот на времето ќе станат составен дел од политичкиот и општествениот живот на Бугарија. Постојат неколку политички групации што се одликуваат со фашистичка и нацистичка идеологија. Меѓу нив се бугарскиот народен сојуз „Кубрат“, Сојузот на борците, сојузот „Бугарска родна заштита“, Сојузот на бугарските фашисти, Националната задруга – фашисти, Сојузот на бугарските национални легии, Националсоцијалистичката бугарска работничка партија, Народното социјално движење и Сојузот на борците за напредок на бугарштината. Некои од овие политички групации стануваат масовни организации, а меѓу нив е и пронацистичкиот Сојуз на бугарските национални легии што има околу 200.000 члена.
Националсоцијализмот, расизмот, антисемитизмот биле вградени во државните политики на Бугарија
Постоењето на фашистички и пронацистички организации не значат дека по автоматизам Бугарија е фашистичка држава. Во Соединетите Американски Држави и Велика Британија во овој период постојат слични организации, но споменатите држави никогаш не можат да се наречат фашистички држави. Но за разлика од нив, фашистичките и пронацистичките организации во Бугарија имаат многубројна масовност и се одликуваат со политичко влијание во државата и градење на државните политики. Така на пример, Петар Габровски – министерот за внатрешни работи, и Александар Белев – комесарот за еврејски прашања, се членови се лидери на Сојузот на борците за напредок на бугарштината. Споменатиот сојуз се одликува со националсоцијализам, расизам и антисемитизам. Очигледно е дека фашистите и приврзаниците на националсоцијализмот имаат клучна улога во политиките на Бугарија. Во овој дух се содејството и соучеството на Бугарија во холокаустот.
Бугарските власти донесуваат неколку расни и антиеврејски закони, меѓу нив се Законот за заштита на нацијата, Законот за еднократен данок на имот на лицата од еврејско потекло, законот со кој на министерскиот совет му овозможува да ги преземе сите мерки за решавање на еврејското прашање и др. Бугарската држава ги забранува браковите помеѓу Бугарите и Евреите, Евреите имаат забрана за вршење одредени професии, вонредни даноци на имот за еврејското население, Евреите се принудени да ја носат т.н. Давидова ѕвезда, Евреите купуваат леб само во одредени фурни, постојат одредени улици каде што Евреите не смеат да се движат, мажите Евреи се испраќаат во „работни“ логори и сл. Сите антиеврејски мерки биле спроведувани од Комесаријатот за еврејски прашања при Советот на министри.
Секој обид за ретуширање на историјата води кон релативизирање на воените злосторства, убиства и мачења
Доколку внимателно ги анализираме историските документи, Бугарија во споменатиот период не само што е фашистичка држава,туку е и националсоцијалистичката, односно нацистичка. Една од задачите на историјата е постојано да нѐ потсетува на минатото, за да не се заборават и повторат злосторствата. Секој обид за релативизирање на историјата може да води кон релативизирање на воените злосторства, убиства и мачења од минатото. Затоа на нештата е потребно да им ја прикажеме вистинската суштина.
Во таквиот контекст, во рамките на историските факти и вистини констатирани со безброј историски извори, не може да се забошоти фактот за фашистичкото минато на нашиот источен сосед, и колку и тој да се труди да направи ревизија, ретуширање и разубавување на своето минато. Тоа што Бугарија била на погрешна страна на историјата, не значи дека тој факт треба да се затскрие. Бугарија треба да покаже дека ја затворила таа своја црна историска страница и дека го оставила тоа зад себе. Вака како што таа се однесува, очигледно е дека не само што не го затворила тоа поглавје туку напротив, тоа во нови форми и облици се регенерира и практикува. Со нејзините потези и однос кон Македонија, Бугарија кај себе повторно ги потврдува генезата, развојот и трансформациите на најмрачните идеологии како што е фашизмот. П.Р.