Тринеделниот зимски распуст ќе биде во предвидениот редовен термин, согласно календарот на Министерството за образование и наука, истакна министерката Мила Царовска, додавајќи дека нема потреба од поместување на распустот бидејќи епидемиолошката состојба и натаму е стабилна.
Царовска напомена дека МОН има одговорност да ги разгледа фактите заедно со Комисијата за заразни болести и да донесе одлуки во интерес на учениците и на јавното здравје, доколку ситуацијата драстично се смени поради ризикот со омикрон и ако се донесат мерки за ограничување и во другите сектори.
Министерката нагласи дека наставата со физичко присуство покажува одлични резултати, а процентот на нови позитивни случаи во училиштата не надминува 0,3, додека во последните неколку недели не е ниту над 0,02 проценти.