Цели генерации ученици се принудени да учат од диктати на наставници или да препишуваат лекции од табла во тетратки. Кога доаѓа време за тест, учат од тетратките во кои го пишувале она што го обработувале на часовите, за да ги знаат содржините предвидени со наставната програма и за да може, врз основа на тоа, да бидат оценети. А каква и колкава е усвоеноста на материјата кај мнозинството ученици во вакви услови за работа е дискутабилно
Работа со компјутери и основи на програмирање – ова е предметот по кој учениците во трето, четврто и во петто одделение во државата добиваат оценки во текот на учебната година, иако немаат ниту компјутери за практично да ја работат материјата по предметот, ниту, пак, постои учебник за овој предмет. И не е проблем само тој предмет. Учебници нема ниту по Англиски јазик во одделенска настава, учебници нема по Општество за трето и за четврто одделение, учебници нема по предметите Историја, Информатика, Географија…
Издиктирани лекции во тетратки – основна училишна литература
Децата се принудени да учат од диктати на наставниците или да препишуваат лекции од табла во тетратки. Кога доаѓа време за тест, учат дома од тетратките во кои го пишувале она што го учеле на часовите, за да ги знаат содржините предвидени со наставната програма и за да може, врз основа на тоа, да бидат оценети. А каква и колкава е усвоеноста на материјата кај мнозинството ученици во вакви услови за работа е дискутабилно.
Наставниците немаат вина за ваквата ситуација, но надлежните во Министерството за образование и наука (МОН), кои не обезбедиле учебници, а имале доволно време, имаат голема одговорност за тоа што оставаат да се импровизира на часовите, во текот на целата учебна година. И ова трае во континуитет, а во меѓувреме впечатокот во јавноста е дека никому не му е грижа што работите се такви какви што се. Ова ли е сериозна грижа на државата за ресорот столб во општеството? Зарем можеме да зборуваме за некаков сериозен образовен систем ако гледаме како на часовите наставниците и децата „се снаоѓаат“ во недостиг од основни ресурси за работа?
Недостигот од учебници е хроничен проблем со децении
Проблемот со недостигот од учебници по многу предмети и во основно и во средно образование не е од вчера. Проблематичните и долготрајни процедури за избор на учебници се една од причините за доцнење. И упорно никому не му текнува да ја поеностави процедурата, за да не трпи наставата.
Со години малку им се исплаќа на авторите што пишуваат учебници, што е уште еден клучен проблем зошто никој не седнува да направи учебници за предметите за кои тие воопшто не постојат. И повторно, нема некое драстично зголемување на сумата, со што би се мотивирале професорите автори да пишуваат.
Наставниците немаат вина за ваквата ситуација, но надлежните што не обезбедиле учебници, а имале доволно време, имаат голема одговорност, бидејќи оставаат да се импровизира на часовите, во текот на целата учебна година. И ова трае во континуитет, а во меѓувреме впечатокот во јавноста е дека никому не му е грижа што работите се такви какви што се. Ова ли е сериозна грижа на државата за ресорот столб во општеството? Зарем можеме да зборуваме за некаков сериозен образовен систем ако гледаме како на часовите наставниците и децата „се снаоѓаат“ во недостиг од најосновните ресурси за работа?
Во Македонија цели генерации завршуваат средно стручно образование без да имаат учебници по најстручните предмети. На ова укажа и „Нова Македонија“ низ серија написи за проблемот, за кој понудивме и решенија. Иако помина многу време оттогаш, никој не ги послуша советите и препораките, ниту, пак, некој од надлежните одлучи да следи пример на соседни држави, кои го имаат решено проблемот со недостиг од учебници. Тоа што досега се завршува средно образование без основните помагала не е оправдување за институциите да не почнат да го решаваат проблемот.
Во изминативе 12 години се испечатени учебници за околу 300 предмети, но сѐ уште е голем бројот на стручни предмети по кои учениците воопшто немаат учебник, бидејќи воопшто не се напишани. Повеќе од десет генерации средношколци станале електротехничари, без да имаат учебник по главниот предмет – Електротехника. Ова ја наметнува дилемата какви генерации завршуваат и какви знаења усвојуваат, кога целиот процес од четиригодишно образование учениците го поминуваат без книги од кои треба да учат.
Решенија има многу, треба надлежните побргу да пресечат
Наместо големите и обемни процедури за правење учебници, „Нова Македонија“ предложи да се изработуваат прирачници, кои би се подготвувале со дозвола на Министерството за образование и наука. Ова функционира во Србија, а може да функционира и кај нас. Државата може еднократно да им плати за авторските права на професори автори што би изработиле прирачници од кои учениците ќе можат да учат, за наставата да биде покриена со основна литература. Содржината во нив би била во согласност со наставниот план и програма, а прирачниците би биле одобрени од Националната комисија за учебници и другите надлежни во Министерството. Така барем учениците би имале материјали од кои ќе можат да учат. Ваков прирачник би бил особено корисен за предметот Работа на компјутер и основи на програмирање во одделенска настава, бидејќи таму содржините се променливи поради постојаниот развој на компјутерските технологии.
Сепак, ниту оваа идеја не наиде на реакција од надлежните, што, пак, многу зборува за третманот на проблемот и за волјата за негово решавање. Црвеното светло што алармира дека мора најскоро да се преземе нешто одамна е вклучено. Но промените кон подобро ги нема.