Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, информира дека по повод 21 мај, Светскиот ден на културната разноликост, дијалог и развој, прокламиран од Обединетите Нации, ќе ја реализира манифестацијата „Недела на заедничка молитва“ во периодот од 13 мај до 21 мај. Во рамки на програмата ќе бидат одржани повеќе настани во неколку градови, кои имаат за цел да ја поттикнат соработката и дијалогот меѓу верските заедници, со цел стабилен и одржлив процес на градење доверба и пријателство. Заедничката грижа за младите, за социјално ранливите категории граѓани, заедничката грижа за животната средина, меѓусебното запознавање и изразувањето на почитта се начин како верските заедници надвор од нивните верски ритуали на дело да ја покажат својата определба за градење на општество на вистински човекови вредности, на соживот и напредок. Тие начини симболично ги нарековме „Заедничка молитва“, велат организаторите.

ПРОГРАМА

13.04.2019 Скопје – Трибина „Младите и религијата“ ќе се одржи во 11 часот во Порта Македонија.
На настанот ќе бидат презентирани резултати од истражување на јавното мислење на младите во градот Скопје за различни прашања од верската сфера. Потоа реномирани професори и активисти ќе се осврнат врз добиените индикатори од истражувањето и ќе се одржи дискусија со сите присутни.

14.04.2019 Битола – Заедничка посета на верски храмови во градот со почеток во 11 часот.
Претставници на верските заедници и конзулите од градот ќе ги посетат заеднички верските објекти на различните верски групи, притоа запознавајќи се со секојдневниот живот, грижи и прашања со кои се соочуваат колегите.

15.04.2019 Гевгелија – Заедничка посета на прифатниот центар за мигранти со почеток во 10.30 часот
Претставници на верските заедници ќе ги посетат мигрантите во прифатниот камп, давајќи утеха на жртвите на хуманитарните кризни жаришта.

16.04.2019 Скопје – Заедно за чиста животна средина со почеток во 11 часот во Градскиот парк
Претставници на верските заедници и на верските образовни институции заеднички ќе засадат дрвца во Градскиот парк како симбол на заедничката грижа за животната средина.

17.04.2019 Куманово – Заедничка хуманитарна акција со почеток во 11 часот со посета на социјално ранливи семејства
Претставници на верските заедници и на верските хуманитарни организации ќе посетат повеќе семејства во Куманово и ќе им донираат храна и облека.

20.04.2019 Шуто Оризари – Заеднички појадок со социјално ранливи категории во Шуто Оризари со почеток во 11 часот.
Претставници на верските заедници ќе разговараат и појадуваат заедно со повеќе граѓани од социјално ранлива категорија.

21.04.2019 Скопје – Свечен коктел по повод 21 мај Светскиот ден на културна разноликост, дијалог и развој со претставници на сите верски заедници.