Дури шест закони опишуваат што сѐ е забрането во природата, меѓу кои е и Кривичниот законик. Законот за заштита на природата, пак, се однесува конкретно на заштитени подрачја.
При тоа се идентификуваат преку 35 активности кои се забранети – од дивоградби, нелегално депонирање отпад, па до криволов и нелегална сеча.
Државниот инспекторат за животна средина е институција која е задолжена за надзорот над спроведувањето на Законот за заштита на природата. Директорката Ана Петровска појаснува дека во заштитените подрачја се издвоени зони со различен степен на заштита: зона на строга заштита, активно управување и одржливо кориистење. Во секоја од овие зони, посочува таа, се утврдени забранети и дозволени активности.
– Инспекторите и ренџерите од заштитените подрачја се грижат да се спречи палење оган, што е забрането на целата територија на заштитените подрачја. Се контролира собирањето на растителни видови што не се заштитени и што е дозволено само во зоните за одржливо користење, а забрането е во зоните за строга заштита и активно управување. Ловот и риболовот е забранет на целата територија на заштитените подрачја. И покрај тоа што е дозволено движење со моторни возила во зоните за одржливо користење и активно управување, пожелно е граѓаните да пешачат или да возат велосипед за да се намали загадувањето и да се спречи вознемирување на дивиот свет – вели Петровска.
Определбата на забранети и дозволени активности постои за да се зачува природата и да се насочат граѓаните кон паметно користење на природата.
Националниот парк Маврово е едно од заштитените подрачја кое преку своите веб-страници (www.npmavrovo.org.mk и www.npmavrovo.mk) им нуди информации на посетителите за можностите и правилата во паркот.
Оттаму соопштуваат дека поставиле информативни табли за спортски риболов долж реката Радика и Мавровското Езеро кои означуваат каде и како тоа е дозволено. Има и табли со појаснување за собирањето диви видови растенија и печурки во населените места од каде жителите се занимаваат со собирање, а има и информации за правилно одлагање на отпадот. Патеките во паркот, пак, се маркирани и достапни на официјалната веб-страница.
– Досега не сме имале проблем некој да се загуби или да не ја следи патеката, а тоа е важно бидејќи патеките ги одбегнуваат строго-заштитените зони на паркот каде движењето е забрането.
Ние имаме и инфо-центар во Маврови Анови каде секој посетител е добредојден во работното време да се информира за можностите и за правилата во паркот. Меѓутоа, иако странските граѓани се редовни посетители на инфо-центарот, бројот на домашни посетители кои влегуваат во инфо-центарот е премногу мал. Се надеваме дека интересот за информирање на домашните ќе се зголеми – вели Самир Ајдини, директор на ЈУНП „Маврово“.
Националниот парк Маврово располага со 16 ренџери кои работат во две смени и чија задача е да го чуваат од бесправни активности.
– Тие при средба со посетителите и жителите на паркот, пред сè информираат и едуцираат за тоа што е дозволено. Меѓутоа, Паркот се протега на навистина голема површина и потребно е и посетителите да бидат свесни за важноста да се чува паркот – додава Ајдини.
Ресурсите со кои располагаме се наше богатство
Многу земји низ светот сè повеќе ја сфаќаат важноста на нејзиното зачувување, а во тоа улога имаат и граѓаните преку нивното учество и интеракција со природата.
– Светскиот ден за заштита на природата е уште еден потсетник дека ресурсите со кои располагаме се наше богатство. Природата ни дава бројни користи: вода, почва, дрва, храна, па и задоволство, одмор и рекреација. За жал со некои од овие ресурси располагаме во ограничени количини – вели Анела Ставревска – Панајотова од Натура МК.
– Сите граѓани имаат корист од природата, но некои граѓани се и зависни од неа, бидејќи за финансиски да опстанат се занимаваат со собирање на диви видови растенија и печурки – додава таа.
Натура МК работи на проект за вклучување на јавноста во борба против нелегалните активности во високопланинските предели на заштитените подрачја, како процес кој е потребен за да се воспостави паметно користење на природата и да се зачува природата. При тоа открива дека во голема мера ниту локалното население, ниту посетителите не се запознаени со тоа што е дозволено, а што забрането да се прави во заштитените подрачја.
Што можеш ти да направиш и да ја заштитиш природата?
При вашата следна посета на заштитено подрачје информирајте се нешто повеќе за заштиеното подрачје, интернет страниците на заштитените подрачја имаат доволно информации за почеток, на пример: www.galicica.org.mk, www.npmavrovo.org.mk, www.nppelister.mk или www.vevcani.mk. Национален парк Галичица дури има изработено и апликација за телефон со информативни содржини.
Посетете го локалниот инфо центар и добијте информација директно од лицата надлежни за заштита на природата. Oднесувајте се паметно и со почит кон природата, односно не ја оштетувајте и не оставајте отпад. Доколку просведочите неправилност, обратете се до установата која управува со заштитеното подрачје и до Државниот инспекторат за животна средина.
За заштитените подрачја
Како значаен пример за историјата на Република Северна Македонија во однос на заштитата на природата е станувањето членка на УНЕСКО на 28 јуни 1993 година при што, под заштита на организацијата кај нас е регионот на Охрид со неговите културни, историски и природни реткости.
Првото заштитено подрачје во Република Северна Македонија е прогласено во 1948 година, а тоа е Национален парк „Пелистер“.
Во земјава има 81 заштитено подрачје, од кои како позначајни заштитени подрачја се издвојуваат четирите национални паркови: „Галичица“, „Маврово“, „Пелистер“ и „Шар Планина“ како најнов, a најбројни се спомениците на природа, дури 61, меѓу кои е и „Вевчански извори“.
Најголемо заштитено подрачје е Национален парк „Маврово“ кој се протега на површина од 72.204,1 хектари или тоа е еквивалентно на 101.000 фудбалски игралишта.
Споменикот на природата „Вевчански извори“ бележи најбурна историја поврзана со неговото назначување и борба на локалното население за негова заштита. Имено во 1987 година, локалното население се противело на каптирање на водата од изворите при што специјални полициски сили интервенирале и за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“, а својот статус на заштитено подрачје го добива за првпат во 1999 година.
Национален парк „Галичица“ има навистина богата биолошка разновидност: неколку стотини видови кои се ретки или заштитени, а има и голем број кои ги има само во паркот, односно: 29 таксони алги, 12 видови васкуларни растенија, 68 таксони без‘рбетни и 4 таксони од ‘рбетни животни се среќаваат само во границите на паркот.
Национален парк „Шар Планина“ е најновото заштитено подрачје, прогласено на 30 јуни 2021 година.