Резултати од анкетата на „Нова Македонија“
Кога пазаруваат, најголем дел од граѓаните нема да купуваат биоразградливи ќеси, кои од денес во продавниците се наплатуваат 15 денари. Испазареното, граѓаните планираат да го сместуваат главно во платнени торбички, велат одговорите на повеќе од 430 граѓани на дводневната онлајн-анкета на „Нова Македонија“. Половина од нив сметаат дека забраната за пластични ќеси и воведувањето на новата цена на биоразградливи од 15 денари, која е на сила од денес, ќе ја заштититат животната средина.
За да се намали пластичниот отпад и да се подигне свеста за заштита на животната средина, работите во трговијата се менуваат. Mакедонските трговци смеат да продаваат само биоразградливи ќеси, кои ќе чинат 15 денари за парче. Целта на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, според надлежното Министерство за животна средина, е „да ги одврати корисниците од употреба на ќеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба“. Производителите на пластични ќеси и натаму може да продолжат со работа, но, како што се нагласува, со почитување на стандардот за биоразградливост.
На прашањето „Дали ќе купувате ќеси од 15 денари?“ 70 отсто од нашите читатели одговориле дека нема да купуваат ќеси од продавниците, или дека тоа ќе го прават понекогаш. Петтина од анкетираните велат дека и понатаму со пазарот ќе купат и ќеса.
Речиси половина од анкетираните (48 отсто) веруваат дека со забраната за пластични кеси и воведувањето на новата цена на биоразградливи ќе се заштити животната средина. Вкупно 170 од 428 испитаници кои одговориле на ова прашање не веруваат во тоа, додека можноста „не знам“ ја избрале 56 граѓани.
Најголем дел од граѓаните испазареното планираат да го сместуваат во торбички. Повеќето прецизираат и дека тоа ќе го прават во платнени торбички, или ранци.
-Јас и сега користам платнени торбички, ранци, количка за пазарење. Kеси ќе треба за зеленчук и овошје -одговара читател.
Оние кои веруваат дека со забраната на пластичните ќеси ќе се заштити животната средина велат оти со забраната ќе се намали количината на пластичен отпад за чие разградување во природата треба премногу време и ќе се намали сметот.
Граѓаните кои се скептични околу тоа колку новата мерка ќе влијае врз животната средина пишуваат дека има многу други загадувачи и дека не очекуваат мерки за нив.
Многу коментари за новината во нашето секојдневие нашите читатели споделија и на социјалната мрежа „Фејсбук“.
-Ќе ги извадам од подрум зембилите на баба ми – пишува читател.
-За 15 денари, ќе појдам во продавница и ќе си купам само кеса, па ќе се вратам – стои во коментар.
-Ќе си носам торба или кеса оддома. Во Словенија разградливите кеси се 6 денари или 10 евроценти, направете споредба – стои во коментат
– А во што се пакувани 90 отсто од производите кои ги купуваме? Дури и јајцата почнаа во пластични шаблони да ги пакуваат. Додека нема селекција на отпадот, ова е само капка во океан. Но, секако мора од негде да се почне, па секако ја поддржувам мерката – пишува читател.
-Новите ќеси ќе се скинат пред да излезеш од продавница. Овде во Италија веќе подолго време се употррбиваат тие ќеси. Повеќето луѓе си носат торби од дома – вели друг.