ОДРЖАН ХИБРИДЕН СОСТАНОК ВО „ХИЛТОН“
„Кога неколу секунди значат живот“, е мотото на двете приватни здравствени установи, кои нудат здравствени услуги кои се високо квалитенти, а не се скапи за граѓаните
Приватната здравствена установа „Никоб медикал“, е на располагање на граѓаните преку соодветни здравствени услуги во домашни услови, 24 часа достапна телефонска медицинска консултација, медицински и санитетски транспорт и медицинско обезбедување на јавни настани. Вчера во хотелот „Хилтон“ се одржа презентација на услугите на оваа компанија, во присуство на врвни доктори од приватното и јавното здравство, кои имаа свои стручни излагања.
– Она што увидовме дека недостасува е брза медицинска реакција, па затоа целта ни беше за граѓаните да обезбедиме квалитетна помош кога им е потребна. Во методолошкиот пристап видовме дека недостига навремена превентива, анализи и квалитетна лабораторија. Видовме и дека недостига и брзата медицинска реакција, домашна посета и аплицирање на терапија во домашни услови. И се решивме да инвестираме токму во тоа што недостига, а недостига тоа што е тешко, неисплатливо. Ние инвестиравме во услуги кои се потребни и таму каде што државниот ситем има недостатоци. Наша цел се граѓаните и нивното здравје. Наш предизвик е брзата медицинска интервенција, која треба да биде квалитетна и достапна. На крајот, ние ќе бидеме тие кои ќе ги срушиме нефер цените, заради кои народот е буквално опљачкан. Затоа нашиот интерес се клиентите – рече Кире Лазаров, сопственикот на „Никоб медикал“ и „Никоб лаб“.
Информации за сѐ што нуди оваа приватна здравствена установа има на веб-страницата на „Никоб медикал“. Претседателот на Македонското лекарско друштво, проф. д-р Горан Димитров, истакна дека на државата ѝ недостасувала ваква услуга која се темели на одговорна и стручна работа.
Д-р спец. субспец. Татјана Баевска Вучковиќ, стручната директорка на „Никоб медикал“ и на „Никоб лаб“, во своето излагање пред присутните кажа дека придонесува за достапна услуга на сите оние на кои таа им е потребна.
– Оваа пандемија ни покажа колку е важна примарната здравствена заштита. Јас имам можност од првиот ден да бидам дел од основањето на „Никоб медикал“ и „Никоб лаб“. Имаме високософистицирана опрема, имаме интегриран систем во областа на биохемијата, а меѓудругото, целта е и нашиот тим да се стекне со знаења. Интересот ни е задоволен пациент – рече Баевска Вучковиќ.
Проф. д-р сци. Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести, се согласи со тоа дека ваков тип на услуги ѝ недостасувале на државата. Таа зборуваше за имплементацијата на централниот регионален транспорт на витално загрозени новородени деца, која започнала уште во 2000 година.
– 30 отсто од неонаталните проблеми бараат транспорт. Ова не може секој да го работи. Ова што го гледате е практично мини болница, ова е транспортен инкубатор во кој е сместен целиот живот. Во него има куп жици и морате да знаете која жица за што е. Многу е важно да се мониторираат виталните параметри. Со ова спасувате не само едно дете, туку е цела едно семејство – рече д-р Софијанова.
Свои стручни излагања на настанот имаа и доц. д-р Корнелија Трајкова д-р на медицински науки и спец. гинеколог, д-р Васко Динев директор на „Талискер проект менаџмент“, како и д-р Никола Шишков, спец. по анестезија, реанимација и интензивно лекување. А.П.