Нашиот колега Далибор Станковиќ е меѓу првите академски граѓани кои во Македонија го одбраниле магистерскиот труд преку Интернет, прилагодувајќи се на новите прилики поради пандемијата на коронавирус. Станува збор за прва онлајн-одбрана на магистерски труд на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, изведена преку апликацијата за видеоконференции „Зум“ во согласност со препораките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.
Станковиќ во средата успешно ја одбрани тезата „Социјалистите во македонското револуционерно движење 1893-1912“ пред комисија составена од проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев (ментор), проф. д-р Далибор Јовановски и проф. д-р Никола Минов.
– Одбраната вообичаено се врши во библиотеката на факултетот, но овојпат тоа не беше изводливо поради ситуацијата со коронавирусот, па немаше друг начин да се изведе освен преку Интернет. Магистерскиот труд беше одобрен од комисија и мораше да се брани во закажаниот рок – вели Станковиќ.
Тој истакнува дека целиот процес на одбрана на магистерскиот труд поминал во најдобар ред.
– Не забележав некоја особена разлика. Сѐ беше според протоколот и помина во најдобар ред. Комисијата имаше можност да поставува прашања исто како вообичаено. Одбраната траеше два часа. Претходно изведовме и проба која помина добро – објаснува Станковиќ.
Нашиот колега посочува дека апликацијата „Зум“ е корисна токму за вакви прилики.
– Професорите можеби не се навикнати на ваквиот начин на одбрана, но процесот функционираше технички беспрекорно. „Зум“ нуди можности токму за вакви прилики и претставува погодна алатка за образованието. Тој што зборува е во преден план, а комисијата може да поставува прашања. Згора, врската е безбедна. Единствено е потребна стабилна интернет-конекција, како и администратор на видеоконференцијата за да ја координира – резимира Станковиќ. М.Ж.