Фото: Дарко Андоновски

Дигиталните дезинформации се глобален предизвик, кој бара создавање нови коалиции, нов одговор, алатки и стратегии за да се справи светот со нив. Феноменот за ширење лажни вести и дезинформации на социјалните мрежи и медиумите, кој зема огромен замав во светот и од кој не е имуна ниту Македонија, ја наложува потребата од координирана и одлучна акција против ваквите штетни појави за општество и граѓаните. Деновиве, по промоцијата на акцискиот план на македонската влада за борбата против дезинформациите, но и сличната практика што веќе се користи во ЕУ за овој проблем, сега и НАТО создава своја платформа, која преку социјалните мрежи со интерактивна алатка ќе им помага на читателите полесно да ги воочуваат лажните вести.

Имено Центарот за стратегиски комуникации при НАТО создаде интерактивен тренинг, кој преку алатка и игра поставена на Фејсбук ќе им овозможува на граѓаните да пријавуваат, проверуваат и анализираат информации што се сомневаат дека се лажни. Оваа алатка на НАТО објавена на https://f2n2.mk/world-about-disinfo/ има за цел да ги охрабри читателите и општествените фактори посовесно да ги користат социјалните медиуми, повнимателно да читаат и да анализираат за каков вид информација станува збор. Според најавите на НАТО-центарот за стратегиски комуникации објавени на интернет-страницата со македонска поддршка, „Светот за дезинформациите во МК“, во иднина се планира да се подготви и дополнителна софтверска рамка во одредени сектори и елементи во секоја земја-членка на НАТО, вклучувајќи ја и нашата, која ќе има цел да се создаде посилна борба и превенција на овој феномен. Во кратки црти, се состои од дневен систематски мониторинг на одбрана програма од ТВ-канали, социјални мрежи и интернет-портали, преку употреба на разни алатки, развиени програми и софтвер со отворен код, кој ќе детектира лажни вести и ќе придонесува за нивно сузбивање и обновување на довербата кај граѓаните во демократијата и демократските вредности преку сеопфатно и систематско следење на развојот на наративите. Фокусот на алатката ќе биде на дезинформативните наративи (домашни и странски) што се појавуваат околу клучните настани поврзани со евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Акронимот „Ф2Н2“ на интернет-порталот ќе се користи на три јазици, кои веќе се достапни на веб-страницата, за сите граѓани да детектираат лажни вести и да ги пријавуваат.

Во контекст на НАТО-насоките за справување со лажните вести, безбедносниот експерт Благоја Марковски коментира дека Македонија, која е пред вратите на Алијансата и се наоѓа во една сложена ситуација токму со напливот на лажните информации пред нејзиното зачленување во воениот сојуз, мора постојано да го мониторира медиумскиот простор токму преку вакви алатки, кои имаат цел да ги сузбиваат дезинформациите што ја менуваат свеста кај граѓаните за НАТО.

– Станува збор за сајбер-нападите како специфичен чин и специфична војна, на кои не се подложни само малите земји туку и структурите како што е НАТО и кои можат да влијаат врз сигурноста на една земја. Во таа насока, неопходно е превентивно дејствување во смисла на заедничка активност, како на членките на НАТО така и на аспирантите за размена на информации за поуспешна одбрана од овие сајбер-закани што произлегуваат токму од лажните вести и дезинформациите во интернет-просторот.
Оттука, интересот и на Република Македонија е да има заемно дејствување против овие напади со дезинформации и добро е што се преземаат вакви заеднички активности, бидејќи ниедна земја ниту кој било безбедносен систем сам за себе не е доволно успешен да се справува со ваквите закани од дезинформации, кои особено можат да предизвикаат загрозување на безбедноста на една земја, но и цел колектив доколку не се превенира навремено на глобално ниво – оценува Марковски.


Видеоигра за откривање дезинформации

НАТО-центарот за стратегиски комуникации деновиве дури создаде нова игра за да им помогне на читателите полесно да ги воочуваат лажните вести. Играта претставува еден вид тренинг за идентификација на дезинформации. Поставена е на Фејсбук и е отворена за сите корисници на ФБ. Играчите се поставени во виртуелна улога како одговорни во компанија за издаваштво, каде што можат виртуелно да заработат така што ќе соберат што повеќе публика преку објавување вести и информации. Играта, односно алатката, има три нивоа, на секое им се дава можност на играчите да размислат и да ги препознаат можностите да бидат излажани. Оваа игра на НАТО има за цел да ги охрабри читателите и општествените фактори посовесно да ги користат социјалните медиуми и повнимателно да читаaт.

[email protected]