Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО денеска од Брисел, од нивниот состанок испратија силна поддршка за финализирање и примена на Договорот од Преспа, изјави денеска висок дипломат на Алијансата.
Поддршката дошла од сите членки на НАТО. Грчкиот министер изјавил дека треба да се поздрави храброста на Скопје и Атина во овој процес.
Алијансата очекува дека Преспанскиот договор ќе биде комплетиран кон средината на јануари. Потоа процесот на зачленување минува во Алијансата на потпишување на Придружниот договор. НАТО очекува дека Македонија ќе стане полноправна членка на пролет 2020 година.
Во меѓувреме, ќе почне процесот на ратификација во земјите членки на НАТО кој ќе трае 12 до 14 месеци.
Истовремено, во овој период, Македонија треба да поднесе програма за реформи и да ја спроведе за време на процесот на ратификација.
На прашањето дали на состанокот на шефовите на НАТО дипломатиите станало збор за бегството на Груевски, НАТО дипломатот изјави дека министрите имале разговор за реформите за владеењето на правото. Вели дека овие реформи добро напредуваат и министрите имаат доверба во институциите што ја истражуваат корупцијата на високи функционери.
Според друг НАТО извор, денеска во Брисел, на министерската дебата за Западниот Балкан, Македонија била добрата вест, јавува дописничката на МИА.