Состојбата со Ковид-19 во училиштата е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб, засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата, бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, утрово на редовниот координативен состанок со директорите на основните и средните училишта во државата.
Директорите ја информираа министерката за текот на наставата со физичко присуство, како и за текот на имплементацијата на реформските процеси во прво и четврто одделение. Тие посочија дека сите предизвици се надминуваат тековно и дека за сега сè се реализира според предвидениот план и динамика.
„Наш заеднички врвен приоритет е и треба да биде превенцијата на училиштата од ширење на Ковид-19, бидејќи најдобро е учениците наставата што подолго да ја следат со физичко присуство во училниците. Затоа повикувам на доследно почитување на протоколите за заштита од раководствата, наставниците, учениците и родителите, бидејќи само така можеме да ги сочуваме училиштата безбедни и што подолго отворени за учениците. Протоколите се едноставни: задолжително носење заштитни маски на затворено, честа дезинфекција на рацете, мерење телесна температура при влез во училиштата и често проветрување и одржување хигиена во училишните простории“, рече Царовска.
На состанокот се констатираше и дека образовниот систем е подготвен и за останатите резервни сценарија, доколку се појави потреба од нивна примена. Директорите на основните и на средните училиштата потврдија дека ги имаат сите потребни ресурси за брзо преминување кон онлајн учење, ако има некаква одлука за истото.
Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата на дневна основа, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Исто така, над 72 проценети од наставниот кадар е вакциниран, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.