Над 450 деца Роми чии што семејства се во социјален ризик се ослободени од плаќање партиципација за посетување на градинка, во рамки на блок-дотациите што локалните самоуправи ги добиваат од Министерството за труд и социјална политика.
Почнувајќи од декември 2018, Министерството за труд и социјална политика, системски ја решава инклузијата на деца Роми со вклучување на единиците на локална самоуправа, како дел од зацртаните цели од Националната Стратегија за Роми 2014-2020.
Раниот детски развој е основата за понатамошниот развој и едукација на секој поединец и токму затоа МТСП изминатите две и пол години посветено и силно работи на вложување во раниот детски развој. Инвестирано е во вкупно 43 градинки, а истовремено се јакнат и професионалните компетенции на воспитувачите, преку различни програми но и со зголемување на платите. Само во текот на минатата година платите на вработените во градинките се зголемени за 26%, соопшти Министерство за труд и социјална политика.