Повеќе од 30 илјади картички им се поделени на српските државјани кои транзитираат низ Македонија за да можат бесплатно да ги поминат патарините низ овој коридор, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој потсети дека станува збор за гест на пријателство и соработка, како резултат дека владината одлука во знак на благодарност за она што го направи Владата на Србија за вакцинација на македонските граѓани.
Спасовски посочи и дека системот „Он стоп шоп“ ќе се унапредува, бидејќи договорот предвидува контрола и на македонската и на српската полиција, одговарајќи на новинарско прашање во текот на неговата денешна посета на граничниот премин Табановце во рамки на кампањата „Вози одморен“, заедно со претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска. Министерот информира дека за ваков проект се разговара и со другите држави од опкружувањето, со цел да се подобри движењето во рамки на регионот.
„Не го потценувај заморот – Вози одморен!“
Покрај брзото возење и алкохолот, заморот е една од главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди во летниот период. Особено критична е делницата од граничниот премин Табановце до Гевгелија и обратно, каде што секоја година се случуваат по неколку сообраќајни незгоди со тешки последици.
Една од причините за ваквата состојба е токму фактот што станува збор за европски коридор по кој поминуваат голем број на возила и возачи кои после долги часови патување, како последица на заморот губат концентрација и внимание, неретко и заспиваат позади управувачот и како последица на тоа предизвикуваат сообраќајни незгоди со страшни последици.
Имајќи ја во предвид ваквата состојба МВР и РСБСП во текот на летниот период, во двата правци на коридорот 10, ќе организираат превентивно едукативни активности под мотото „Вози одморен“.
Целта на кампањата „Вози одморен“ е да се потсетат возачите за влијанието на заморот, за последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од заморот и да се поттикнат да прават повеќе паузи, да консумираат повеќе течности, да патуваат одморени и наспиени и да го запрат своето возило веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор.
Согласно наведеното МВР во соработка со РСБСП продолжува со едукативни, сообраќајно превентивни активности, но и со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција.
– Сакам да потсетам само на податокот дека на територијата на целата држава во текот на јули минатата година 17 лица беа жртви на сообраќајни незгоди, додека пак, во минатиот август таа бројка изнесуваше 19. Иако минатата година беше година со рекордно најмал број на жртви – 125, сепак, евидентно е дека во летниот период овие бројки се поголеми споредено со другите периоди од годината. По Коридорот 10, како паневропски коридор, фреквенцијата на возила е драстично зголемена посебно во летниот период, а заморот, кој е причина за пад на концентрацијата, може да има фатални последици, така што се одлучивме, заедно со РСБСП, превентивно да ги потсетиме возачите на потенцијалните опасности од заморот, но и на ризиците од пребрзото возење, управувањето на возило под дејство на алкохол и на други сообраќајни прекршоци кои се причини за тешки сообраќајни незгоди. Овој автопат е главната артерија која ја поврзува нашата држава со соседна Србија, така што граѓаните од пријателска Србија, како чести учесници во сообраќајот, главно, по Коридорот 10, но и граѓаните од другите држави, кои го користат, се секогаш добредојдени гости во нашата земја. Ќе ја искористам оваа пригода да им посакам среќен пат и пријатен престој, без разлика дали поминуваат транзит или токму нашата држава им е дестинацијата каде сакаат да го поминат одморот, но и да апелирам кон сите учесници во сообраќајот секогаш да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за безбедни патишта. Зголемувањето на безбедноста во сообраќајот е императив и во наредниот период продолжуваме со активности со цел да го намалиме бројот на жртви на патиштата – рече министерот Спасовски.
Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска апелираше до возачите да не го потценуваат заморот.
– Сообраќајните незгоди кои се последица на заморот најчесто завршуваат фатално затоа што отсуствува можноста возачот да преземе било какви дејствија со цел барем делумно да се амортизираат последиците од сообраќајните незгоди. Апелирам до возачите да бидат внимателни и концентрирани кога учествуваат во сообраќајот, да не го потценуваат заморот, да прават минимум 15 минути пауза на секои два часа возење и да застанат и да одморат веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор – изјави Кожуваровска.
Важно е да се потенцира дека минатата година беше најбезбедна досега, со најмал број на загинати лица во сообраќајни незгоди. Трендот на подобрување на безбедноста во патниот сообраќај е евидентен веќе неколку години наназад и целта на МВР и РСБСП е овој тренд да продолжи и во иднина.