Навредливи налепници на македонски возила

ИЗОЛИРАНИ ИНЦИДЕНТИ ВО ШПИЦОТ НА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА ВО ГРЦИЈА

Во пресрет на шпицот на туристичката сезона, македонските граѓани масовно заминуваат во Грција, но, и покрај потпишувањето на Преспанскиот договор и очекувањата за релаксација на односите меѓу двата народа, сепак изминатиот период се регистрирани и одредени инциденти врз македонските автомобили од грчка страна. Иако се работи за изолирани случаи, сепак ваквите појави сигнализираат дека кај нашиот јужен сосед сѐ уште има политички вжештени глави во однос на Македонија Имено, македонски граѓанин реагира бидејќи неговиот автомобил бил излепен со налепници со погрдни содржини во местото Калитеа, на Халкидики. На налепниците пишувало „Вие не сте Македонци. Вие сте Словени = Вардарска. Македонија е грчка“, гласела една од навредливите пораки.

На другата налепница, пак, имало насликано мајмун врз македонското знаме со натпис „Манкидонија“.
И регистарските таблички со кратенката МК се често на нишан на грчките вандали, така што македонските граѓани за да го „спасат“ своето возило често мораат да ја прекриваат кратенката.

За да се спречат инциденти, македонските погранични служби од пролетва почнаа да издаваат лепенки со кратенката НМК при излез од Македонија кон Грција, но некои возачи пријавија дека таква налепница не им била издадена.
– На одмор заминав во јули, а на граничниот премин Богородица не ми издадоа налепница со новата кратенка. Бидејќи имаше подолга колона, не се ни задржав да прашам зошто не добив лепенка, туку само ги зедов пасошите и заминав. Среќна околност е што апартманот во кој бев сместен имаше сопствен ограден паркинг, па автомобилот ми беше на безбедно – вели Синиша Јанковски, скопјанец што летото го поминал во грчкото летувалиште Неа Пори.
Тој додава дека пред неколку години биле оштетени возилата на негови пријатели на Халкидики.

– Отидовме со возилата блиску до плажата. Јас не најдов место, па се паркирав малку подалеку, додека тие ги оставија возилата во првиот ред. Подоцна кога се вратија, забележаа гребаници врз бојата на автомобилите, но не пријавија никаде, бидејќи не ни очекуваа дека грчката полиција ќе го реши случајот, туку дека само ќе си го губат времето – појаснува Јанковски.

Од МВР велат дека ваквите инциденти најпрво треба да се пријават во грчката полиција, а потоа и на македонската гранична полиција при влез во државата.
– Процедурата е таква. Оштетувањето се пријавува во грчката полиција, а потоа при влез во Македонија и на нашата гранична полиција – прецизираат од МВР, притоа додавајќи дека засега немаат конкретна бројка за тоа колку вакви случаи се регистрирани.

МВР кон крајот на мај започна да ги издава и новите регистарски таблички на кои во сината лента е втисната кратенката НМК.
И од МНР препораките се слични, штетите да се пријавуваат во грчката полиција.
Голем дел граѓани воопшто и не ги пријавуваат оштетувањата, сакајќи да ги избегнат административните процедури.

– Ми беше испрскана табличката со спреј. Не пријавив никаде бидејќи и онака нема ништо да се реши. Вака самиот ќе ја избришам со разредувач и крај на приказната – вели Николчо Ј., жител на Неготино.
Според него, вандали има секаде, но навредливите пораки што се упатуваат кон македонските граѓани се навистина несфатливи, бидејќи токму Македонците се тие што доста го полнат грчкиот буџет преку туризмот.

– Ако ние престанеме да одиме, сигурно нема да им биде подобро. Па, Халкидики и олимписката ривиера целосно се полни со македонски туристи. Ако ние сакаме да ги оставаме нашите пари таму, не гледам зошто некои сè уште нè доживуваат како непријатели – додава Николчо.

По потпишување на Преспанскиот договор, очекувањата на македонските граѓани беа дека ваквите инциденти и навредливи пораки конечно ќе престанат, но се чини дека не е така. Можеби времето ќе ги промени работите.