Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека е запознаено и постапува по случајот во кој двегодишно дете со телесни повреди вчера е примено на Детска хирургија.
Веднаш по пријавувањето на случајот дека таткото, односно сопругот, извршил семејно насилство врз децата и нивната мајка односно сопруга, посочуваат од МТСП, специјализираниот стручен тим од Центарот за социјални работи на Град Скопје излезе на терен.
На таткото му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, а здравствената состојба на двегодишното дете е добра и денеска ќе биде пуштено дома. Останатите три деца кои вчера беа интервентно сместени во згрижувачко семејство ќе се вратат кај мајката и сите заедно ќе бидат згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Воедно, Центарот ќе иницира постапка за изрекување мерки за времена заштита од семејно насилство, посочуваат од МТСП.
Потенцираат дека семејството е познато на Центарот и по претходни пријави за семејно насилство.
Од средината на март до почетокот на април годинава, мајката и четирите деца биле згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Центарот го напуштиле по писмена изјава на мајката дека сака да се врати во домот на сопругот со своите деца, бидејќи ги надминале недоразбирањата и состојбата во домот е смирена, стои во соопштението од Министерството.