РОМАН ШТО ГИ ПРЕДВИДЕ НАСТАНИТЕ И РЕКЕТОТ ВО МАКЕДОНИЈА

Блаже Миневски

Во визба на периферијата беа собрани група накази и призраци кои договараа да ја предадат долината на извесни глувци, глодари и кртови. И веројатно сѐ ќе завршеше според планот, затоа што пред себе имаа купишта илегални брбушки доставени од шмркачот на пури со искуство од слични акции во минатото, ако во глува доба на ноќта, кога многумина спиеја со блажен сон на вртикапи, не ги намириса големиот Мамли, инспектор со инстинкт на пес. Ги фати токму во мигот кога решија со брбушките што ги поседуваат да го заразат бостанот а потоа да го уценат бостанџибашата, шефот на бостанџиите, и тој доброволно да им го предаде клучот од портата. Во лошо обграденото поле можеше да се влезе отсекаде, но влезот низ портата имаше посебно значење и тежина. Според планот утврден со лица од прекутрупа, портата во даден момент формално ќе ја запоседне Душко Долгоушко под менторство на Џери, а со полето и полските плашила практично ќе управува Том. Кога го слушна тоа, поручникот скокна низ прозорецот, отчкрнат до извесна мера поради бабунот со црвен задник, кој чувкајќи ја пурата го дуваше чадот надвор од просторијата, и ги фати како глувци во брашно. Всушност, мирисот на пурата го доведе до групата. Како и да е, рипкајќи со репетиран патлак по масата забележа дека еден од присутните личи на Шеќерко, друг на Плутон, тој спроти него на Тошо Мачорот, тој до него на Скуби Ду, грбавиот лево на Пинк Пантер, оној до него на Гаргамел, другите двајца – кепецот со ќелаво теме и оној со уши како блитва – на Калимеро и Мики Маус, убавицата до него на Тутси од филмот Глувчето доаѓа на вечера, следните тројца лево на Пинк Пантер, Гарфилд и Лале Гатор, госпоѓата десно на Гица Прасица, Бети Буп или Лилипутпут, да речеме, оние до неа на Штрумфета и Олива, со Мечето Ушко и кенгурчето Опа-Опа до нив, а во продолжение, швенкувајќи докрај, челно на масата го регистрира Том и на другиот крај Џери. Швркнатиот глодач со опаш од брбушки луштеше семки од тиква, плукајќи ги остатоците во шеширот на Брзи Гонзалес совладан од сонлив дремеж врз некаква тетовирана минџа спружена на подлактицата.

Пред да почне со истрагата, иако брбушките допрва требаше да бидат анализирани и дури потоа да се утврди од каде потекнуваат, инспекторот се сети на дедо му Апостол, вардарскиот Робин Худ, крал на мочуриштата, кој во една прилика рекол дека не излегол да се бори за тие што ќе го предадат туку за тие што нема да го предадат, па со таа мисла во главата констатира дека се работи за велепредавство од најтежок вид, дека на нишан е суштината, мирисот и вкусот на долината, а брбушките се само дел од проектот за промена на почвата, климата и условите за работа. При такви услови со долината ќе завладеат гадинки, глувци и кртови, а со тоа ќе биде уништена флората и фауната засекогаш. Во секој случај мораше да делува брзо и ефикасно, па со сондата во форма на пендрек замавна кон Рафики, веќе спомнатиот мајмун со пура, забивајќи му ја дебелата „Черчил Џулиета“ во устата. Потоа, со оглед на фактот што имаше искуство со вакви апсења, громко нареди уапсените да си ги врзат рацете одзади, последниот го врза тој со помош на патлакот што беше необично вешт за јазли, а дрскиот Том и брзиот Гонзалес, оној со жолто сомбреро и бело одело, стручно ги впрегна за две спротивни ногалки на масата, па двајцата можеа да влечат на две страни сѐ дури не избледат како фигури. Штом заврши со процедурата, го затвори прозорецот и го соопшти планот за распит.

Планот во кратки црти предвидуваше сослушување на сите, прво секој посебно, потоа во двојки, со вкрстено испрашување, и на крајот сите заедно со метод на долга магарица, мрежа или пајажина. Ваквиот начин на испитување беше негов изум, па во стручните кругови веќе се користеше изразот „Мрежата на Мамли“ како посебен облик на истрага. И самиот тој однекаде имаше научено дека мрежата може да се сфати како извесна направа од сплетени нишки но и како збирка на дупки поврзани во целина со помош на врвки. Второто толкување беше поттик за творечка креација во однос на истрагата како постапка, а во дадениот случај одлично одговараше на неговата замисла за финален, групен распит на уловените злосторници. Затоа, во минутите што следуваа, оние што можеби беа и часови, да не речам дури и векови, ѓавол ќе го знае, Мамли мавташе со веќе спомнатиот телесен пендрек, извлекувајќи купишта информации од уапсените. Во стартот, при третманот на Рафики, на пример, поручникот најпрво откри дека пурите што ги дудла со м’мкање му ги носат од Вуелта Абахо, краватите Comme des Garcons од Париз, Реј-Бан очила на Luxottica од Милано итн., а потоа дозна дека доколку дошле до клучот од портата секој од групата што сега е раскринкана ќе добиел по една амфора, часовник, сусамки со мед, пајтон со настрешница, милион шушки во ковчеже од трска и еден липицанер. Штом го спомна липицанерот, инспекторот алергиски фркна со носот, прашувајќи дали е точно дека секој ќе добиел и по едно малу подебело пенкало со ташаци на крајот, но мајмунот со пура што сега веќе беше згасната, а тој сѐ уште не ја пушташе од устата, се направи како да не слушнал. Притоа, можеби затоа што поручникот Мамли спонтано ја зари сондата на детекторот за лаги докрај, Рафики почна да цимолка, повторувајќи во транс голем број вулгарности. Пред самиот крај на распитот клепна со ушите и почна да моли за милост претајќи со чкулавиот опаш како квачка, но инспекторот не знаеше што е милост и милосрдие. Всушност, знаеше само за „убиство од милосрдие“. Го извлече истражниот алат од експертот со погана уста, го сврти односниот кон себе со лицето, го истресе отпадниот материјал во неговиот патец над очилата и го повика следниот.

А следниот веќе знаеше дека е на ред по списокот залепен со лигави карактерни особини на вратата од оставата. Распоредот мораа да го почитуваат без поговор, па затоа сама, со врзани раце, зборувајќи како курдисана кукла, што би рекол Балтазар, во собата за распит влезе дотичната со очила што ѝ висеа на вратот. Гледајќи како се насадува на столот за распит многумина би рекле дека личи на Гица Прасица, дивата од Мапет шоу, но Мамли сметаше дека е плукната Бети буп, иако во еден момент помисли дека во профил наликува на Лилипут пут. Пред да почне, ги стави очилата со врвки и трепна неколкупати од возбуда: „Би сакала заедно со мене да им дадеме еден аплауз на присутните, бидејќи тие без мене, и јас без нив, не би можеле да ја завршиме оваа работа“, потстана спуштајќи ги очилата. Поручникот шлапна со рацете а потоа со волшебното стапче ја спушти врз столот: осомничената ги ококори очите како да се расцепи надве. Под неа беше само сондата за утврдување на фактите.

Веднаш, без да чека, почна да зборува за смоквите: „Господине Мамли, дозволете, знам дека обожавате смокви! Смоквата е меко и слатко овошје“, рече префрлајќи ги нозете една врз друга. Шпионите работат на сите полиња, помисли поручникот. „Јас немам ни смоква ни смокварник, – продолжи таа, – ама, ако веќе прашувате, ќе кажам дека смоквата не може без оса! Смоква без оса е како жена без клиторис. Мислам дека знаете што е тоа. А знаете ли дека смоквата е цвеќе?“ Ме дупи во ребра, се усмивна Мамли. „Смоквата не може без оса ама и осата не може да без смоква, – додаде таа. – Ако осата влезе во смоквата, назад веќе нема, ќе умре во неа, ќе се разгради, па кога јадите смоква истовремено јадите и по една оса! Да сум цвеќе, јас би била смоква“, рече ѕенѕајќи врз столот. „Дали вие би биле оса, господине Мамли“, заврши но се сепна и во таква позиција очилата обесени на синџирчето почнаа да ѝ подрипнуваат под градите. „Може ли да разликуваш машка од женска лубеница“, праша инспекторот.

„Не“, рече таа. „Машките се издолжени, поголеми и водени. Женските имаат топчеста форма и се многу поблаги“, објасни поручникот. Во нормални услови ваквиот разговор би бил голема глупост, но, според тактиката што ја практикуваше за вакви случаи, Мамли секогаш почнуваше со споредни асоцијации на пат кон клучните тези од истрагата. Во случајов, веќе имаше усвоено стратегија за распит, но звукот од камбаните што влегуваше во просторијата му пречеше во работата, па затоа потстана да го затвори прозорецот, а во тој миг дотичната почна да вриска отвори, отвори па Мамли секавично скокна, думна на масата, се спружи на грб и почна да клопа со нозете, да се клацка како желка, да кркори а потоа со крајни сили се созеде и се приземји, свлекувајќи се до крстот од работ на масата.

При ваква конфузија во процесот инспекторот почна да зборува за плашилата, за фигурите од крпи кои личат на луѓе што плашат и гонат натрапници од бостанот: „И, да знаеш, во секое плашило дремат страшни амбиции“, заврши. „Што се однесува до амбициите, не сум јас крива за моите квалитети! И, ве молам, престанете со плашила, лубеници, смокви и тикви! Јас не се плашам од ништо! Би сакала да го потенцирам значењето што го има денешниот настан, особено затоа што имам можност да споделам дел од она што го постигнавме до мигот пред да скокнете од прозорецот. Јас овде, оваа прилика, со овој детектор во мене, можам да кажам дека доследно го почитувам начелото на транспарентност, и нема да отстапам од него затоа што се работи за јавен интерес па затоа имаме обврска да овозможиме увид во она што претставува видлива потврда на работата што ја работиме. Не штедејќи се во целиот овој изминат период, бескомпромисно се дадов себе си во создавање на услови за еднаквост на сусамот како сусам во однос на бостанот како бостан. И затоа благодарам за истрајноста, за посветеноста на сите присутни, без оглед дали се овде или во оставата. Јас и останатите, што веќе ги знаете, докрај сме убедени, би рекла сосем сме уверени дека бостанот и бостанските плашила имаат сторено многу кривични дела што ги утврдивме на нашиот таен состанок што вие така брутално го осуетивте. Во оваа прилика сакам да изјавам дека сторителите нема да останат неказнети. Благодарам,“ рече ѕингарејќи со очилата што ѝ висеа на вратот.

Во тој миг инспекторот го повика напомош магискиот ритуал па и неа ја истретира со своите четири магични збора: рамбо – штамбо – турунга – штанго! Последниот збор односната го дочека на коленици. Работата со неа беше завршена но тој уште беше потпрен на работ од масата, чекајќи да влезат Том и Џери, а потоа да види какви мерки ќе преземе со групата што ја откри по мирисот на „Черчил Џулиета“. По неколку повици, откако го плесна оперативниот апарат на масата, двајцата претставници на глобалната бруталност и садизам се појавија на прагот. Доаѓајќи до средиштето на собата за распит, Том ја префрли косата од едната на другата страна од тиквата, го грабна Џери и почна да си игра, фрлајќи го од левата во десната рака. Кога му здосади, ги собра рацете, ги пикна во џебовите па Џери тресна на подот, претајќи во правта долж мигрантската рута од дупката во левиот до дувлото во десниот агол на собата.

Преморен од глупостите што ги истрпи докрај, поручникот скокна кон прозорецот, го зеде волшебното стапче и даде наредба сите до еден да се спојат, да го искористат секое дупче, секое шупче, да сплетат мрежа како пајажина, да ја завршат работата дури тој размислува за одлуката што мора да ја донесе, но во тој миг, во тишината што завладеа, волшебното стапче почна да титка како темпирана бомба; Мамли се обиде да се ослободи од него, проба да го фрли низ прозорецот, но не успеа да го одлепи од дланката. Почна да мавта како диригент, ама од сето тоа подебелиот крај го извлече Душко Долгоушко – беше одран како јаре! Му остана само парче крзно на газето и малку на муцето.

Гледајќи го откосо не знаеше дали да плаче или да се смее: „Бостан или сусам“, помисли лизнувајќи го прстот за да ја провери насоката на ветрот а стапчето му се лизна од раката и падна на подот. И тогаш, токму кога мрежата заличи на пајажина, со врисок на прозорецот рипна волк во морнарска маица. Кожата му беше збрчкана од употреба па му висеше од лактите како ташаци.
Стоеше расчепатен на потпрозорската штица, држејќи ги двете дланки со показалците свртени кон групата на подот. Во тој трагичен миг сите се обидуваа да се отплеткаат; Мамли успеа да се доближи до вратата на шпајзот, но волкот скокна на асталот и нареди никој да не мрда: „Ну, погоди“, рече и почна да пука со показалците без да ги штеди зборовите.

По масакрот остана само квадратот што трепереше на ѕидот.
И една мува што се прпелкаше во пајажината над столот.


Посвета на романот

„Oвој роман го напишаа група македонски курајбери, ебиветри, шупкари, шушумиги, ветрогони, калаштури, лузери, апаши, калкуланти и конформисти.
Јас само помогнав материјалот да се пречука во Times New Roman со наша поддршка, и да се објави со финансиска помош на Курто Муртин, иако тој не признава дека помогнал со едно евро по страница.“


Фатени во „мрежата на срамот“!

„Група улави идеалисти, фатени во ’мрежата на срамот‘, налудничаво веруваат во својот утопистички свет што им е дошепнат како идеологија или создаден од нивната сопствена непресметаност. Соголени со помошта на една сонда, механичка деус екс макина, ставени се во ситуација да го зборуваат она што го мислат, не отстапувајќи од тоа што го прават, притоа водејќи го целиот народ сосе нив во пропаст. Во тој контекст, портретирањето на ликовите не би можело да се изведе без јазичното мајсторство и без хуморот, а најважните значења се вградени незабележливо, како што доликува. И затоа, како за сите големи дела, отворено може да се каже дека ’Мрежата на Мамли‘ на Блаже Миневски е роман кој зборува за нешта што навидум сите ги знаеме, но никако не можеме да ги напишеме на ваков начин“, пишува во поговорот на романот академик Митко Маџунков.

(извадок од романот „Мрежата на Мамли“, Матица македонска, 2019)