Фото: МСМЈЛК

Интересот за македонистиката на Универзитетот во Риека е вонсериски. Од 2008. до почетокот на оваа академска година, низ Лекторатот по македонски јазик минаа околу 2.000 студенти. Но, досегашните постигнувања обврзуваат да се преземат конкретни активности за натамошно продлабочување на перспективите за македонистиката во Хрватска и поддршка на работата на овој, најнов, но во моментов најброен лекторат по македонски јазик. Токму тие активности беа во фокусот на состаноците коишто директорката на Меѓународниот семинар по македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ги оствари во Риека, во рамките на нејзината неколкудневна работна посета на Хрватска, информираат од МСМЈЛК.

На состанокот со деканот на Филозофскиот факултет при којшто функционира Лекторатот по македонски јазик – проф. д-р Александар Мијатовиќ, на којшто учествувале и амбасадорот Милаим Фетаи, директорката на Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска, академик Горан Калоѓера, раководителот на Отсекот за кроатистика, проф. д-р Дејан Дуриќ и лекторката по македонски јазик на Факултетот, м-р Биљана Стојановска, се разговарало за предлози за конкретни активности коишто би се оствариле во следните две години.

Фото: МСМЈЛК

-Конкретно, меѓу другото веќе се разговараше и за активности за одбележување на јубилејот – 15 години од формирањето на Лекторатот, во 2023 година, вклучително и објавување монографија, бидејќи како што објавија хрватските медиуми, „Филозофскиот факултет во Риека, полека постанува втора татковина на Македонците“, водејќи се од мислата на Блаже Конески дека јазикот е татковина. Особено радува што на состанокот се иницираше да се организира и научен симпозиум за македонско-хрватските јазични, книжевни и културни врски – информираат од МСМЈЛК.

Лекторатот по македонски јазик е втемелен благодарение на активностите на проф. емеритус Горан Калоѓера, којшто тогаш беше проректор на Универзитетот, па така, за кратко време, Лекторатот се разви, достигнувајќи најголема бројност на студенти во споредба со другите лекторати по македонски јазик во светот.

Инаку, Лекторатот по македонски јазик во Риека има започнато со интензивна работа уште од неговото формирање, со голем број студенти кај првиот лектор, д-р Васил Тоциновски. По него, лектор во Риека беше м-р Ана Азеска, а во моментов е м-р Биљана Стојановска. Но, значајно е што на Универзитетот во Риека, предмети од областа на македонската книжевност и култура имало уште во 80-тите години на минатиот век.

Во рамките на работната посета, Мојсова-Чепишевска, заедно со амбасадорот и директорката на Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб, оствариле средби и со претставници на членството на македонските друштва „Илинден“ во Риека и „Св. Кирил и Методиј“ во Пула, имајќи го предвид големиот интерес на македонските иселеници да придонесат за афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура. Интересот за македонскиот јазик, кај нив е дотолку голем, што лекторката Стојановска, настава по македонски јазик изведува и во основното училиште во Риека.