Исламската верска заедница останува на ставот дека градежните активности на Алипашината џамија ќе продолжат и дека нема да прават компромис околу висината на минарето
И покрај најавениот мораториум на градежните активности на Алипашината џамија, која се наоѓа во центарот на старото градско јадро во Охрид, кој го договорија Владата и здружението на граѓани „Совест“, активностите на терен продолжуваат.
Од здружението на граѓани „Совест“ стравуваат дека решението за привремена мерка за запирање на градежните активности на овој верски објект од страна на Државниот градежен инспекторат и најавената ревизија на целиот проект за реставрација и конзервација нема да се реализира докрај.
– На терен и понатаму се гради, можеби не со засилено темпо, како што беше претходно, но сепак се одвиваат некои работи на градежното место. Со премиерот Зоран Заев се договоривме целата работа да се стави во мирување и по изборниот процес да се најдат соодветни решенија. Но што да правиме во меѓувреме? На терен работите поинаку се одвиваат – објаснува Томе Џамтоски, член на „Совест“.
Според него, ниту Управата за заштита на културното наследство, ниту Републичката урбанистичка и градежна инспекција не се на ниво на своите надлежности, а и не покажуваат решеност да стават мораториум на градбата прогласувајќи ја, макар задоцнето, како нелегална.
– Наша оцена е дека темата наместо да се конкретизира, таа само се пренасочува во несуштествени квалификации изречени само и со цел да се создаде заблуда кај засегнатиот дел од јавноста дека нешто суштинско се прави, како на пример, дека „надлежните инспекциски служби од Управата за културно наследство констатирале нерегуларности во изградбата и донеле забрана за понатамошно продолжување на активностите до обезбедување на согласности кои го регулираат градењето, како и дека изрекле казнени мерки до учесниците во градбата“. Констатациите на инспекциските служби од УЗКН се само рефлекси предизвикани од најава за граѓански бунт и само обид за амнестија за направени пропусти од надлежните институции во издавање на конзерваторското одобрение – додава Џамтоски.
Од Владата соопштуваат дека премиерот Заев веќе посочил на мораториум на целата постапка, како и дека институциите треба да постапат во согласност со законите. Оттаму сметаат дека оваа состојба треба да се реши преку дијалог со сите засегнати страни, имајќи ја предвид сензитивноста на прашањето, да се најдат решенија во интерес на граѓаните на Охрид и на државата што останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.
Од Исламската верска заедница во земјава пред десетина дена, на прес-конференција изјавија дека остануваат на ставот дека градежните активности на Алипашината џамија ќе продолжат. Оттаму истакнаа и дека нема да прават компромис околу висината на минарето, зашто тие не ја одредиле висината на минарето за кое се дигнала прашина во јавноста, туку висината на минарето се одредува врз основа на тоа што постоело во минатото.
Инаку, случајот со Алипашината џамија ескалираше пред еден месец кога од здружението „Совест“ најавија протест со кој бараа да се реставрира и заштити овој објект како споменик на културата, без да се доградува постојниот верски објект, со минаре од 32 метри и придружни објекти во дворот. Р.З.