Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од пред Владата, каде што беше целта на протестниот марш, рече дека оваа власт мора да си замине затоа што, како што рече, година и половина ја уништува Македонија.
– Ни ветуваа пет проценти раст на БДП во програмата што ја нарекоа „Живот“, пекол донесоа, темнина донесоа кај секој еден граѓанин во Република Македонија… Направивте Македонецот да биде рамнодушен на се. После сите овие понижувања и омаловажувања што ни ги направивте овие година и половина, после сите распродажби на националните интереси, после целиот хорор којшто и го направивте на вашата татковина, се обидовте да направите Македонецот да биде рамнодушен. Но, ние тоа нема да ви го дозволиме. Ние ќе застанеме еден до еден сите заедно со сите граѓани без разлика на нација, без разлика на вера против вас и ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата на следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко, рече Мицкоски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го почна протестот марш пред седиштето на партијата. Го организира една година по приведувањето на лицата за собраниските инциденти од 27 април лани.
По седницата на Извршниот комитет минатата недела партијата најави дека во наредниот период ќе организира протести со кои што, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, ќе се застане на патот на антинародната и криминална власт.
Претседателот на партијата Мицкоски изјави дека со денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ ќе прогласи и ќе почне национална, економска, социјална и образовна, сеопфатна и сеопшта револуција против погрешното владеење на Зоран Заев, економското и националното разнебитување. Тој најави дека протестите ќе продолжат не само во главниот град, и во други градови низ Македонија.