Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со секретарот за меѓународна соработка на партијата, Тимчо Муцунски, денеска во Љубљана на самитот на ЕПП остварил средба со претседателот на Европската народна партија, Доналд Туск.
Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата се разговарало за соработката со Европската народна партија и за европските интеграции на земјата.
Мицкоски констатирал дека државата влегува во нов циклус на криза и постојано се оддалечува од датум за преговори со Европската Унија.
„И покрај многубројните отстапки на Зоран Заев, сега се лиферуваат нови датуми и нови пречки што треба да се надминат, што значи дека државата губи потенцијал во однос на исполнување на оваа стратешка цел.
И покрај сите забелешки поврзани со криминалот и зголемената корупција, недостигот на реформи во правосудството, како и уназадувањето на економијата, државата треба да напредува во интеграциите во ЕУ бидејќи тоа е во интерес на целиот Западен Балкан.
Земјата не смее да биде заложник на Зоран Заев на патот кон ЕУ“, истакнал Мицкоски на средбата со Туск.